Продолжува расправата по предлог-законот за јазици

Продолжува расправата по предлог-законот за јазици

Пратениците денеска ја продолжуваат расправата по предлог-законот за употреба на јазиците во прво читање, која на 15 октомври беше прекината поради кампањата за локалните избори.

Пратениците повторно дебатираат и  повторно имаат спротивставени ставови околу оваа законско решение. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и понатаму е на ставот дека законот е неуставен, се коси со Охридскиот рамковен договор и ќе резултира со воведување двојазичност на територијата на целата држава.

Според владејачкото мнозинство, пак, законот не го загрозува унитарниот карактер на државата и е во согласност со Уставот и ќе придонесе за подобрување на соживотот во државата.

Инаку, за збор вчера се пријавија околку 60 пратеници, што навестува долга маратонска дебата. Но, сепак, се очекува расправата  да заврши до петок кога пратениците ќе треба да се изјаснат за предлог-законот. Како што информираат од Собранието, партиите на брифингот со собранискиот спикер се договориле да го намалат бројот на реплики и контрареплики.