Промоција: „Допир од далечина“ – биографија на Јан Кертис

Промоција: „Допир од далечина“ – биографија на Јан Кертис

Во ресторанот МКЦ, на 27 октомври, со почеток во 20 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Допир од далечина: Јан Кертис и ‘Џој дивижн’“ на Дебора Кертис, во издание на издавачката куќа „Полица“.

Книгата е интимен и длабок биографски портрет на прерано починатиот пејач на бендот „Џој дивижн“, Јан Кертис, напишан од неговата вдовица Дебора Кертис. Иако бендот постоел многу кратко време, сепак оставил неизбришлива трага на светската музичка сцена: нивните влијанија се простираат од музиката на светските бендови, како што се „У2“, „Дед кен денс“, „Депеш мод“, „Редиохед“, Најн инч неилс“, „Едиторс“, „Интерпол“, па сè до онаа на македонските групи „Мизар“ и „Анастасија“.

Јан Кертис бил почитуван од своите современици и зад себе оставил наследство што е плод на уметничка генијалност. Боно од „У2“ неговиот глас го опишал како свет и идеализиран од неговите фанови. Тој бил хипнотички изведувач на сцената, но бил и интровертен и подложен на ненадејни промени во расположението. Јан Кертис си го одзел животот на 18 мај 1980 година. „Допир од далечина“ го опишува неговиот живот од најраниот период, па сè до неговата прерана смрт непосредно пред самиот почеток на првата турнеја на „Џој дивижн“ во Америка.

Во „Допир од далечина“ вдовицата на Јан Кертис, Дебора, ја доловува турбулентноста на неговиот живот и трагедијата настаната со неговата смрт. Во книгата се вклучени листата на концертни настапи на бендот и сите стихови напишани од Кертис, од кои повеќето првпат се објавени токму во оваа книга. Македонското издание ги вклучува и преводите на сите стихови на Кертис на македонски јазик. Исто така, според оваа книга, славниот холандски фотограф Антон Корбејн во 2007 година го сними биографскиот филм „Контрола“.

Книгата е преведена од Ненад Георгиевски и Милан Дамјаноски. Промотор на настанот ќе биде драмскиот режисер Срѓан Јаниќиевиќ. Во рамките на промоцијата ќе се прикаже и филмот на „Би-би-си фектори рекордс“ – „Манчестер од ‘Џои дивижн’ до ‘Хепи мандејс’“, а веднаш потоа свој настап ќе има и еден македонски бенд.