Daily news
Промоција на книгата „Нема друга“ од Јела Кречич-Жижек во рамките на фестивалот „Букстар“
Во рамките на Фестивалот на европската книжевност „Букстар“, утре, 28 октомври, со почеток во 20 часот, во клуб-ресторанот на МКЦ ќе биде промовиран романот „Нема друга“ од словенечката писателка Јела Кречич-Жижек, во издание на „Антолог“ и во превод на Драгана Евтимова.
Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа на Европската Унија“.
Оваа иронична комедија за 21 век ќе ја промовира новинарката и литературна критичарка Илина Јакимовска.
„Нема друга“ е оригинална и комична приказна за сложените човекови односи во современите времиња. По разделбата со долгогодишната девојка, Матјаж паѓа во тешка депресија. Но, по некое време, донесува одлука дека патот до нејзиното срце води преку друга врска, односно врски. Но, планот излегува позамрсен од тоа што очекувал. Тој тргнува на одисеја од „мувања“ за една вечер со редица девојки по познати места во Љубљана, но и од поранешна Југославија. Средбите и жените се повеќе, но Матјаж секогаш доаѓа до истиот заклучок: дека нема друга како бившата. Кречич создала метафора на љубовта во денешното општество, но и урнек на прикриен женомразец типичен за новиот милениум, кој ни го ставила на тацна.
Познатиот словенечки филозоф Славој Жижек за процесот на пишување на книгата од неговата трета сопруга има изјавено: „Мора да признам дека ’Нема друга‘ ме преплаши. Јас сум жртвата при пишувањето на оваа книга. Сега зборувам како претставник на работничката класа. Додека жена ми ја пишуваше својата книга во вечерните часови, јас имав други задачи: морав да цедам портокали за да има свеж сок, да ги мијам садовите, да правам чај и така натаму и така натаму…“
Кречич во својот роман прави карикатура на современите љубовни врски и прецизна скица на недоветниот љубовник на 21 век.
Преку алтернативниот и ноќниот живот во Љубљана, Метелкова, лесните пороци и кратките врски, Јела Кречич низ дијалозите ги отвора и најголемите култоролошки феномени на современото општество: борбата меѓу идеологиите, консумеризмот, њу ејџ филозофијата, капитализмот, религијата, атеизмот, феминизмот и слободата на говорот за на крајот сето тоа да биде насочено кон латентниот шовинизам, кој е присутен насекаде.
Ова е одлична балканска трагикомедија што го зближува јазот помеѓу современоста и традицијата на овие простори.
Саркастична, критична и со остар стил на пишување оваа новинарка, колумнистка и филозофка дипломирала на тема уметничките манифести во словенечката авангарда. Докторирала филозофија. Пишува за најголемиот весник во Словенија, „Дело“, каде што во 2013 година на словенечки и на англиски јазик објавува ексклузивно интервју со Џулијан Асанж, што ја прави меѓународно позната личност. Истата година стапува во брак со влијателниот филозоф Славој Жижек.
Утре во 11 часот во книжарницата „Антолог“ (на улицата Димитрие Чуповски бр. 31) ќе се одржи и средба со Јела Кречич, на која читателите ќе имаат можност да ја запознаат оваа авторка одблиску.
Следен фестивалски ден е 30 октомври кога ќе се одржат два специјални настана во киното „Култура“. Во 20 часот ќе започне книжевната маса Hold Me, Thrill Me, Kiss Me, Kill Me на тема „Ограничувањата и предностите на жанровската литература“, а од 21 часот проекции на филмови од Милчо Манчевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Daily news
Прва правна конференција Tres Partes
На 26 декември година во хотелот „Континентал“, со почеток во 10 часот, ќе се одржи првата правна конференција Tres partes, во организација на „Јанаки знае“, а ќе биде поделена во три дела.
Првиот дел е со работен наслов „Дали е потребно укинување на извршителите?”, на кој ќе учествуваат Зоран Василевски, кој ќе ја застапува тезата ПРО укинување на извршителите, извршител Снежана Андреевска, која ќе ја застапува тезата КОНТРА укинување на извршителите и извршител и поранешен судија за извршување, Христо Јованов, кој ќе предава во делот на извршувањето пред да се укинат судиите извршители.
Вториот дел е со работен наслов „Дали се шаблонизира институтот надомест на нематеријална штета“, на која предавачи ќе бидат адвокатката Маруша Митровска, судијката Љубица Колиќ од Основен суд Скопје 2 и судијата Ѓорѓи Радојков од Апелациониот суд Скопје.
Третиот т.н. кривичен дел е со работен наслов „Неприменување на кривично-правните институти“, во кој предавачи ќе бидат адвокатот Јанаки Митровски, Никола Тупанчевски, редовен професор по казнено право при „Јустинијан Први“, Александра Деаноска, вонредна професорка по казнено право при „Јустинијан Први“, и Оља Ристова, судијка при Основниот суд Скопје 1.
Предвиден е и интерактивен дел со публиката преку поставување прашања и коментари од учесниците.
Daily news
Груевски оди во затвор – Апелација му ја потврди казната
Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Тенк“ по одржана јавна седница, донесе пресуда со која му ја потврди двегодишната затворска казна на премиерот Никола Груевски. „Жалбите на обвинетиот Никола Груевски изјавени лично и преку неговите бранители ги одби како неосновани, а првостепената пресуда ја потврди во целост, со што му ги потврди двете години затворска казна“, пишува во соопштението од судот.
Второстепениот суд делумно му ја уважи жалбата на Ѓоко Поповски и му ја намали казната на 4 години и 6 месеци, а во останатиот дел првостепената одлука ја потврди.
За Гордана Јанкулоска за „Тенк“ е издвоена во друга постапка и пресудата за неа, под обвинение дека ја злоупотребила службената положба и го натерала Поповски да го намести тендерот за „мерцедесот“ што го посакал Груевски, ќе биде изречена на 8 октомври.
Daily news
Бизнисменот Минчо Јорданов треба да сведочи дали бил уценет со пари во шпионската афера
Бизнисменот Минчо Јорданов утрово во кривичниот суд е повикан да сведочи во предметот што го презеде специјалното јавно обвинителство под кодно име „Шпион“.
Обвинетите Миќо Наскоски, Зоран Божиновски и Марјан Маџовски, како што рече на минатото рочиште обвинителката Елизабета Јосифовска, со цел да се стекнат со противправна имотна корист, му се заканиле на бизнисменот Минчо Јорданов дека ќе објават податоци за наводна криминална приватизација и откуп на акциите во АД „Бетон“ и на други негови фирми. Во намерата не успеале, а Јорданов не ги исплатил парите.
„Обвинетиот Александар Диневски прибавувал податоци со степен на државна тајна, а потоа ги доставувал или директно на странските разузнавачки служби или му ги давал на обвинетиот Марјан Ефремов, кој ја формирал групата за уцени, изнуди и шпионажа и ја координирал од 2009 до 2013 година, регрутирајќи нови членови во мрежата. Со обвинетиот Мирослав Зафировски од УБК прибирале податоци за луѓе од ЦИА присутни во Македонија и за штаб на ЦИА во Ирак. Тие прибирале и податоци за организациската поставеност на УБК“, рече Јосифовска за „Шпион“, кое СЈО врз база на нови прислушувани разговори го презеде од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Ефремов, според обвинението, групата за изнуда и тргување со тајни информации од безбедносните служби на Македонија ја направил во 2009 година и, како што тврди обвинителството, тој е мозокот на целата операција. Информациите им ги продавале на Кост Н. од грчката разузнавачка служба, Петар Н. и Јуриј Н. од унгарската и на други лица од странски разузнавачки служби.
Секој од обвинетите, зависно од тоа во која институција работел, снимал службени документи, кои потоа им ги продавал на грчката, руската, унгарската и српската разузнавачка служба. Обвинети во овој случај се и тогашниот шеф на Кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, генералот Горан Стојков, Миќо Насковски, Ѓорѓи Хаџимицев, Цветан Дамјановски (заедно со други нивни колеги од МВР, УБК, АР и Военото разузнавање, кои дел се веќе осудени) и Зоран Божиновски, кој во групата имал улога ако уценуваните не дадат пари, тој да ги објавува, како што вели обвинителката, во порталот „Буревесник“ или во други медиуми во кои работел. Божиновски е обвинет за злосторничко здружување, шпионажа и уцена.
Обвинетите не се чувствуваат виновни, а тврдат и дека целиот процес е монтиран. Во предметот првично беа опфатени 19 лица, од кои неколкумина ја одлежаа затворската казна. Предметот го суди судијата Владимир Туфегџиќ. На конференциска врска треба да сведочи и Драган Даравелски, кој, според обвинението, исто така бил уценуван од обвинетите.