Путин, Трамп и Меркел на карневалот во Вевчани

Путин, Трамп и Меркел на карневалот во Вевчани

Претседателот на САД Доналд Трамп и неговата сопруга Меланија, германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот претседател Владимир Путин продефилираа денеска низ улиците на Вевчани, на вториот ден од  празнувањето на еден од најпознатите и најпосетените настани во земјава – Вевчанскиот карневал.  Меѓу маските на креативните учесници на карневалот не изостанаа ниту ликовите на домашните политичари, кои и овојпат на шегобиен начин ги исмејаа актуелните општествени и политички случувања во земјава.

На карнвалот доминираа маски за агадувањето, двојазичноста, патните трошоци на пратениците, нападот во Собранието на 27 април, правата на ЛГБТ заедницата, договорот со Бугарија…Карневалското дефиле започна со традиционалните маски, зетот и невестата, музичарите, Глупи Aвгуст и ѓаволите, а можеа да се видат и транспаренти „Македонците не се терористи”, „Каква Влада таков василичар”….

„Маските резонираат и со новите владини политики. Тие се критични и отворени и го шират она за што ние се залагаме како принцип, демократизација на културата, општеството и воопшто создавање нови хоризонти на критичката култура“, изјави министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Според него, Вевчани и карневлот се носители на отпорот и на традицијата, на демократската борба и на критичноста, на слободоумноста и на креативноста.

Годинава настанот го проследија голем број на домашни и странски туристи, но и политичари и амбасадори. Вевчанскиот карневал кој последните години добива на масовност се претпоставува дека е стар околу 1.500 години. По традиција вечерва се оди на Вевчанските извори, а утре рано наутро се палат годинешниве маски по што вевчанци започнуваат со подготовките за наредната година.

„Тешко е да се изменаџира ваков настан пошто тука нема никакво сценарио,ова е отворено сценарио,нема режија“, вели Сашо Јанкоски, градоначалник на Вевчани.

Пишани извори сведочат дека карневалот е стар најмалку 1.460 години, но постојат археолошки наоди кои упатуваат на податоци дека карневалот постои барем 2200 години. Денес карневалот е интересно и необично преплетување на пагански со христијански обичаи.  Вевчанскиот карневал во суштина е обичај под маска, кој се нарекува „Свети Васиља“ (Василица). Се празнува на 13 и 14 јануари секоја година и е посветен на Св. Василиј Велики. На тој ден се дочекува новата православна година, а се испраќа старата. Инаку, тој е пагански обичај кој тука се сочувал сè до денешни дни. Учесниците во него се нарекуваат василичари. Секоја година задолжителни се маските на зетот и невестата, на музичарите, на Глупи Aвгуст и на ѓаволите. Особено е карактеристична маската на Глупи Август.