Седницата за разрешувањето на Зврлевски ќе продолжи в понеделник

Седницата за разрешувањето на Зврлевски ќе продолжи в понеделник

Со реплики и контрареплики помина денешната седница за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно го обвинија СДСМ дека наместо за Зврлевски има поважни работи за кои треба да дебатираат како што се пожарите, депонијата во Струга или за законот за јазици.

Лилјана Затуровска рече дека Зврлевски може да биде разрешен во ноември затоа што во член 8а во Изборниот законик е утврдено дека од распишување до одржување на изборите нема можност за назначување нов обвинител. Според неа, целта на СДСМ е да го направи правосудниот систем своја партиска испостава.

Емил Димитриев рече дека очекувал постапката за смена на државниот обвинител да биде преку суштинска и квалитетна дебата во Собранието за тоа каков треба да биде јавниот обвинител на Република Македонија.

Томислав Тунтев од СДСМ, пак, нагласи дека членот од Изборниот законик на кој се повикуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не се однесува на Зврлевски зошто на седницата не се разговара за престанок на работен однос или за вработување, туку за престанок на мандат на функцијата државен јавен обвинител.

На реакциите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ дека не се дискутира за други теми во Собранието и на нивното барање утре да не работат, претседателот на Собранието, Талат Џафери, рече дека токму тие со бројните реплики ја поставиле динамиката на работа.

Десеттото продолжение на 6. седница е закажана за понеделник во 11 часот.