Работодавачите и работниците ќе одлучуваат дали следниот 2 јануари ќе биде неработен

Работодавачите и работниците ќе одлучуваат дали следниот 2 јануари ќе биде неработен

По многуте забелешки од граѓаните изминативе години дека 2 јануари треба повторно да биде неработен ден, Министерството за труд и социјална политика најавува преиспитување на Законот за празниците на Република Македонија. За да се предложи следниот 2 јануари пак да биде неработен ден, од Министерството велат дека се клучни мислењата од работодавачите и од работниците.

„Во изминатиот период во врска со Законот за празниците на РМ многу често се поведуваа прашања во насока дека тие се многу на број, дека треба да се дополни со неработни денови за други националности итн. Работодавачите често укажуваат дека има многу празници. За да може да се пристапи кон какво било решение, ќе треба прашањето да се отвори и да се разговара со претставници на работодавачите и претставници на работниците и, секако, да се разгледаат меѓународните искуства за бројот на неработни денови. Потоа ќе може да се пристапи кон предлог во кој ќе се согледа и можноста дали 2 јануари да се смета како неработен ден“, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Законот за празниците беше изменет во 2007 година кога 2 јануари беше прогласен за работен ден, а беа додадени низа нови празници. Постојниот закон предвидува 12 неработни дена за сите граѓани на Република Македонија, дополнителни 5 неработни за православните граѓани, дополнителни 3 за католиците, 1 за муслиманите и по уште еден неработен ден за припадниците на албанската, српската, ромската, влашката, еврејската, бошњачката и за турската заедница.

(М.И.П.)