Радован Караџиќ имал компјутер, сака лаптоп

Радован Караџиќ имал компјутер, сака лаптоп

Радован Караџиќ за време на статусната конференција, која се одржа во понеделникот, побара од судиите на Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг да му дозволат да користи лаптоп затоа што има болки во грбот поради повеќечасовното седење пред статичен компјутер.Караџиќ го повтори и барањето да му се дозволи користење интернет и скајп со цел полесно да дојде до работни материјали и да комуницира со неговото семејство.

Судијата Теодор Мерон, претседател на MМКТ, рече дека за барањата на Караџиќ наскоро ќе се огласи секретаријатот на судот.

Караџиќ, исто така, нагласи дека поради изолираноста во притворот се чувствува како да е осуден на смрт. Зборувајќи за своето здравје, Караџиќ рече дека се чувствува подобро и дека е задоволен од односот кој кон него го има персоналот во судскиот притвор.

На претходните статусни конференции Караџиќ во неколку наврати се жалеше дека неговата здравствена состојба се влошила поради годините поминати под притворскиот режим на живеење.

Караџиќ е во притворот во Шевенинген од неговото апсење во 2008 година.Хашкиот трибунал во март минатата година го осуди Караџиќ на 40 години затвор прогласувајќи го за виновен за геноцид во Сребреница, прогон на муслиманите и Хрватите низ цела Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.