Ракометарите се пласираа на ЕП во Хрватска

Ракометарите се пласираа на ЕП во Хрватска

Македонската ракометна репрезентација избори пласман на Европското првенство во Хрватска. Во решавачкиот натпревар Македонија ја декласира Чешка 33:20 (16:10) иквалификациите ги заврши како првопласирана во Групата 4.

Македонските ракометари одиграа брилијантен натпревар, целосно ја надиграа чешката селекција и заслужено изборија пласман на ново големо натпреварување, во случајов Европско првенство, кое во јануари наредната година ќе се одржи во Хрватска.

Дека ништо нема да му препуштат на случајот избраниците на селекторот Раул Гонзалес покажаа уште на почетокот на натпреварот, имаа 3:1 по пет минути, потоа 7:4 и 10:7, а во финишот на првиот дел ја достигнаа максималната предност за овој период од играта, 16:10.

Капитенот Лазаров го носеше тимот во првиот дел, тој за 30 минути постигна девет од 16-те гола на македонската репрезентација.

Доколку Чесите имаа некои надежи дека ќе можат да внесат неизвесност во натпреварот, тие згаснаа по само три минути игра во второто полувреме, кога Македонија имаше 18:10.

На половина од вториот дел Македонија стигна до двоцифрена разлика, 24:14. Првите 15 минути од второто полувреме му припаднаа на голманот Ристовски, кој имаше неколку неверојатни интервенции.

До крајот на мечот ракометната рапсодија беше зачинета со неколку атрактивни „цепелини“, одбрани на голманот Ристевски и неверојатната атмосфера во арената „Борис Трајковски“.

Лазаров беше најефикасен, со 11 голови, шест постигна Манасков, а голманот Ристовски заврши со 15 успешни интервенции. н.ц