Рахој се заканува со укинување на автономијата на Каталонија

Рахој се заканува со укинување на автономијата на Каталонија

Шпанскиот премиер Мариано Рахој му даде рок од пет дена на каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон да се изјасни околу својата позиција во врска со декларацијата за независност, истакна владин извор во Мадрид.

Ако Пуџдемон потврди дека прогласува независност на регионот, тогаш Мадрид ќе му даде дополнителен краен рок до четврток, 19 октомври, за да ја „смени одлуката“, а потоа ќе го активира Членот 155 од Уставот, кој и дозволува на шпанската Влада да ја суспендира автономијата на Каталонија.

– Одговорот кој ќе го даде Карлес Пуџдемон ќе влијае на идните случувања. Од него зависи дали ќе се врати на легалниот пат, истакна Рахој.

Шпанскиот премиер нагласи дека каталонските власти ја искористиле својата уставна позиција и започнале „многу опасен напад врз институциите и, што е многу полошо, врз општествената согласност“.

Рахој претходно, во телевизиско обраќање, побара од Пуџдемон да разјасни дали прогласил независност или не, пред Владата во Шпанија да биде во можност да примени која било мерка кон Членот 155, со кој се предвидува на некоја регионална власт, во случај да ги загрози интересите на шпанската држава, да и се одземат сите овластувања и да се префрлат на централната влада во Мадрид.

Тој член е најекстремна мерка доколку една автономна област прогласи независност, а во Шпанија никогаш досега не е применета. Во политичките кругови Членот 155 го нарекуваат и „нуклеарна опција“.

Пуџдемон синоќа во својот говор изјави дека го прифаќа „мандатот од народот“ за отцепување од Шпанија, но од каталонскиот парламент побара таа одлука да биде одложена со цел да им се даде предност на преговорите со Мадрид.