Реакции за победата на Макрон: Битката е добиена, но борбата со популистите продолжува

Реакции за победата на Макрон: Битката е добиена, но борбата со популистите продолжува

Пишува Бојан Стојковски

Убедливата победа на 39-годишниот либерален социјалист Емануел Макрон над кандидатот на крајната десница Марин Лепен за Франција значи едно нешто – победа во битката против популизмот, но војната, пак, сè уште продолжува, коментираат француски политиколози за Макфакс.

 

Доколку Лепен победеше на изборите, Франција ќе беше на работа да ја напушти Европската Унија, а и двата екстреми од политичкиот спектрумот во земјата го посакуваат тоа, пред сè поради ултралибералните политики. „Франција беше на работ да ја напушти ЕУ доколку Лепен победеше, луѓето од крајната левица и од крајната десница не сакаат да бидат дел од Унијата поради тоа што има премногу ултралиберални политики. Крајната левица сака повторно да преговара околу договорите, што според мене е доста тешко, додека крајната десница, пак, повеќе не сака да чуе за ЕУ“, објаснува за Макфакс францускиот политиколог Бертранд Госенс.

 

Она што, пак, Макрон ѝ го нуди на Франција е следење на ваквите политики на Унијата, а според Госенс ова ќе доведе до пораст на поддржувачите на двата екстреми во француската политика. „Проектот на Макрон е да се следи ултралиберализамот, заедно со Германија и ЕУ. Мислам дека сега ќе пораснат поддржувачите и на крајната левица, и на крајната десница, со што во следниот период можеме да очекуваме силни тензии помеѓу двете страни“, додава Госенс.

 

Според него, од целата новонастаната ситуација едно нешто е јасно, а тоа е дека франуцскиот гнев кон ултралиберализмот на ЕУ и натаму ќе продолжи. Госенс вели дека Франција на изборите имала и далеку подобри опции од Макрон, односно тоа се однесува пред сè на левичарскиот кандидат Жан-Лик Меланшон. „Популизмот пред сè е поврзан со скриените мотиви на крајната десница и Лепен, додека, пак, според мене од сите кандидати, кандидатот на крајната левица Меланшон беше доста почесен од другите и воопшто не се однесуваше популистички“, додава францускиот политиколог.

 

Во поглед, пак, на растот на популизмот во земјата и околу тоа дали победата на Макрон може да се смета и за конечна победа над екстремната десница, францускиот дипломат Оливиа Кели Лонку за Макфакс вели дека борбата е далеку од завршена. „Победата на Макрон оди заедно со оние на Руте во Холандија и на Ван дер Белен во Австрија, и на неа може да се гледа како на моментална пречка за популистичкиот бран во Европа, но секако дека не претставува и пад за популистичките партии во Европа. Со оглед на растот на популизмот кај двете страни од политичкиот спектрум во Франција, евентуалниот неуспех на Макрон да ги исполни очекувањата (и на национално и на ЕУ ниво) можеби е најдобрата шанса за популистите  да дојдат до моќ“, објаснува Кели Лонку.

 

Според неа, од големо значење за претстојниот период и правецот во кој Франција ќе се движи е и тоа дали Макрон ќе успее да воспостави владејачко мнозинство во Парламентот.  „Во вакво поделено општество сè уште не е сигурно дали Макрон ќе обезбеди владејачко мнозинство во Парламентот, но за него, пак, е критично тоа да се оствари и за тој да може да ги оствари предизборните ветувања за реформи во земјата и реструктурирање на европскиот проект“, вели за Макфакс францускиот дипломат./крај/мф/бс