Реакција: Винко Грубишиќ за текстот „Филмски скандал со политички импликации: Каде завршија 4,6 милиони евра“

Реакција: Винко Грубишиќ за текстот „Филмски скандал со политички импликации: Каде завршија 4,6 милиони евра“

Во врска со текстот објавен во „Макфакс“, за кој редакцијата го подготвува продолжението со нови детали, објаснување во форма на демант испрати продуцентот Винко Грубишиќ од Хрватска, кој со својот „Јадран филм“ е носител на грандизониот проект „Македонија“, серија што треба да се снима во маратонски епизоди, во четири сезони, а се однесува на повеќе епохи од македонската историја. Дописот до редакцијата е повеќе објаснување и, како што вели, извинување до македонската јавност што порано не се огласиле информации за оваа тема, но и наведува дека неговата добра намера е инструирана од локалните политички игри. Тој негира дека ги добил овие милионски суми, но, секако, потврдува дека серијата ќе чини најмалку во рамките на овој буџет одобрен од Агенцијата за филм на РМ. Целосното објаснување на Грубишиќ ви го пренесуваме подолу во текстот, а новите детали за кои „Макфакс“ интензивно истражува ќе ги објавиме наскоро во новата сторија за снимањето на серијата „Македонија“.

Почитувана редакцијо, ви се обраќам по повод објавувањето на текстот „Филмски скандал со политички импликации“ на авторката А. Василевска, во име на „Јадран филм“ ДООЕЛ Скопје. Во текстот се наведуваат некои извори кои сакаат да останат анонимни, но тие анонимни извори изнесуваат крајно неосновани шпекулации. Наспроти нив, ние сосем јасно и транспарентно, со имиња и презимиња на целиот авторски тим, како и најголемото студио на територијата на бивша Југославија – фирмата „Јадран филм“, стоиме зад овој проект. Исто така, ѝ стојам на располагање и на госпоѓата Василевска за сите информации во врска со проектот, вклучително и за одговори на она што го наведуваат „анонимните информатори“. Како долгогодишен уредник на редакција за култура знам дека на новинарите што пишуваат за нашата филмска фела, проектите и јавните пари воопшто не им е лесно, земајќи го предвид фактот дека се изложени на многу информатори кои ги наметнуваат своите интереси. Можеби ова, сега и тука, ќе звучи малку чудно, но јас како Хрват, како странец, им должам извинување и на госпоѓата Василевска и на македонската јавност во врска со „информациите“ од Хрватска. Затоа, ве молам, примете го моето извинување поради невистините на кои сте изложени од страна на личности од Хрватска, личности што се сменети од јавни функции откако им се утврдени најтешки прекршувања на законот во врска со располагањето со јавни пари, па затоа сега се обидуваат, заради одмазда, неуспешно да се фалат заканувајќи се дека ќе ни го отворат јужниот фронт. Сите народи се изложени на одредени стереотипи, па така нас, Хрватите, нè следи еден вид хрватска злоба, која можеби како нематеријално наследство треба да се заштити во УНЕСКО. Но, тоа веќе е станато здодевно и предвидливо, па затоа ја молам колешката новинарка, но и целата македонска јавност да ги занемарат зависта и злобата,  од која страна и да се појават, бидејќи во нашата професија секогаш биле присутни. За нас ќе зборува успехот на серијата „Македонија“. Како што е запознаена стручната јавност во Македонија, во тек е интензивна работа на ТВ-серијалот „Македонија“. Се работи за историски, крајно изискателен проект, кој ќе се снима на голем број локации во Македонија, странство, како и во студијата на „Јадран филм“ во Загреб. Самиот проект, сценаријата и другите негови креативни делови за време на конкурсот и по него ги добија најдобрите рецензии, вклучително и од странски рецензенти, но и од нашите американски партнери. Го читаа и дадоа свои рецензии десетина професионалци од сите страни на светот. На серијалот работат голем број прекрасни соработници од Македонија, како и од повеќе странски земји. Благодарение на методите на работа и оригиналниот концепт на серијата, нејзиниот production value ќе биде неколкукратно поголем од вообичаените очекувања во македонската јавност. Како резултат на сето ова веќе е договорена интернационална дистрибуција на ТВ-серијалот „Македонија“, но и нејзина интернационална промоција на ТВ-маркетот во Кан, на што навистина се гордееме. Со други зборови, создаваме серија која ќе биде гордост за Македонија, серија што ќе биде гледана во светот. Дозволете ми, како на странец, но и како на човек кој е емотивно врзан за Македонија уште од далечната 1983 година, да споменам дека македонската историја, случките и ликовите што ги обработуваме во серијата се толку интересни и важни и за европската и за светската историја што ќе придонесат да бидат широко прифатени. Затоа, морам да забележам дека во никој случај не се работи за проект што имплицира какви било тесни политички интереси како што од изворите што сакаат да останат анонимни би можело да се заклучи ниту, пак, станува збор за проект што има каква било врска со политичките конотации за кои се пишува. Оваа проект-серија е за Македонија, ама како светски проект за светскиот пазар. А таквите проекти не сакаат никаква политичка инструментализација. Моето огромно искуство што се споменува гарантира дека никаква политичка инструментализација на серијата нема и не може да се случи. Ќе ја замолам госпоѓата Василевска за сето ова да разговараме кога ќе ја гледа серијата. На пример, еден од ликовите и наратор во првата сезона е револуционерот Павел Шатев. Друг исклучително важен лик е измислениот американски продуцент со македонски корен Никола Немов, преку чии предци, семејството Немови, се крши македонската историја, што е типичен американски пристап на раскажување. За ова доказ е восхитот од прочитаните сценарија на нашите американски партнери, како и исклучителни и докажани хрватски професионалци кои не знаат ништо за македонската историја, ама во еден здив ги исчитаа приказните. Драматуршката доктрина и начинот на кој се претставува македонската историја со emotional impact добија еднакви одлични оценки како во Македонија така и во странство. Серијалот студиозно го подготвуваме долго време. Нашите соработници во Македонија и странство ги проучија сите елементи потребни за ваква серија – од македонската историја, па сè до иконографијата, етнологијата и музиката. Слободно можам да заклучам дека сите надворешни соработници кои се вклучени во проектот, а не се оптоварени со сето она што би можело нас од овие простори да нè мачи, едноставно, се воодушевени. Проектот е поделен во четири сезони, а така е распоредено и неговото финансирање. Значи, сосема е неточно дека сме примиле пари како што се пишува. Ниту е така договорено ниту така се случило. Дозволете ми да напоменам дека механизмите за надгледување на реализацијата на проектот од страна на Агенцијата се такви што ама баш никаква злоупотреба не е возможна. Сите документи се заверени на нотар и претставуваат ригорозни и детални договорени одредби и обврски. Исто така, ве молам, износот што е планиран за првата сезона на серијата да го споредите со средствата што досега биле одобрувани за слични проекти (филмови), па сами ќе се уверите како стојат нештата или, пак, од колегите што „сакаат да останат анонимни“, а се споменуваат во текстот, да побарате мислење за висината на буџетот во однос на изискувањето на продукцијата. На пример, цела сезона од серијалот чини помалку од просечен игран филм. Исто така, можам со гордост да ја известам македонската јавност дека и „Јадран филм“ е еден од оние што вложуваат во серијалот, но и дека за одделните делови од серијата што се случуваат во странство вложуваат и други странски партнери. Како дел од промоцијата на серијата наскоро ќе го промовираме најавениот спот, па пошироката јавност, од тој мал детаљ во серијата, јасно ќе може да ја процени целта кон која тежнееме. Сосема сум сигурен дека ќе ја оправдаме довербата што на нас и на вака смислениот проект ни е укажана. Исто така, ви најавувам дека ќе им бидеме на располагање на скорешна прес-конференција во Скопје, на сите новинари и на целата јавност, на која ќе може да ги постават сите прашања што ги интересираат за ТВ-серијата „Македонија“ и „Јадран филм“ ДООЕЛ, Винко Грубишиќ.

Филмски скандал со политички импликации: Каде завршија 4,6 милиони евра?