Ребалансот на Буџетот на владина седница в петок

Ребалансот на Буџетот на владина седница в петок

Ребалансот на Буџетот ќе се најде на владина седница в петок, најави премиерот Зоран Заев.

Тој рече дека Буџетот ќе биде донесен пред 2 август.

„Знаеме дека 20 дена ова прашање мора да биде отворено. Десет дена ќе трае дебата пред Комисија во собрание и пет дена максимум за пленумот. Верувам дека пред 2 август ребалансот на Буџетот ќе биде донесен“, рече Заев.

На новинарско прашање, колку министерството за финансии ја задолжи државата овој месец додека СДСМ се на власт, ако се знае дека биле најголеми критичари на задолжување преку државни записи, Заев одговори дека никогаш не ветиле дека ќе престанат со задолжување.

„Прво ние го реализираме буџетот донесен од претходната влада во кое има проектирано задолжување и ние го реализираме тоа. Никогаш не ветивме дека ќе престанеме со задолжување, заради тоа што би било мисловна именка. Невозможно е да се одржи буџетот вака проектиран, вака истрошен и целосно руиниран после целото ова непродуктивно трошење, без краткорочните и долгорочните задолжувања. Точно тоа што се случува со купување на пари од домашниот пазар е реализација на приходниот дел на буџетот за да може да биде следен расходниот дел на буџетот. Ниту повеќе, ниту помалку“, одговори Заев.