Ревизорите сè уште не одлучиле кога ќе ги проверуваат средствата за невладините што ги додели претходната влада

Ревизорите сè уште не одлучиле кога ќе ги проверуваат средствата за невладините што ги додели претходната влада

Ревизорите сè уште не ја спровеле ревизијата на законитоста на постапката за доделувањето 850 илјади евра на невладините организации што ја направи претходната власт. Од Државниот завод за ревизија за „Макфакс“ велат дека го добиле извадокот од записникот од 8. седница на Владата, на која е донесен заклучок да престане да важи одлуката за распределба на средствата од буџетот на Република Македонија за 2017 година наменети за финансирање програмски активности на здруженија и фондации.

„Ве информираме дека ДЗР тековно ги разгледува пристигнатите барања. Во таа насока, во согласност со човечките ресурси и можностите може да биде направена измена и дополнување на програмата за 2017 година, односно во согласност со критериумите за избор на субјекти за вршење ревизија дефинирани во интерните акти на ДЗР пристигнатите предлози на субјекти за вршење ревизија може да бидат дел од програмата за работа на ДЗР во 2018 година“, одговорија од ДЗР за „Макфакс“.

Новата Влада го запре спроведувањето на одлуката од 23 мај на претходната влада потпишана од тогашниот вицепремиер Никола Тодоров за финансирање 28 невладини организации во висина од 850 илјади евра поради сомнежи за злоупотреба.

В. М.