Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ ги осудуваат етничките навреди и повикуваат на санкционирање на говорот на омраза

Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ ги осудуваат етничките навреди и повикуваат на санкционирање на говорот на омраза

Треба да се формира специјализирана институција која нема да дозволи да се случуваат криминал и корупција, но и која ќе ги отвори сите криминали од почетокот на формирање на државата за сите политички елити. Овој став и вчера го повторија реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ на трибината „Без табу-теми“, која се одржа во Клубот на новинарите во Скопје, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Претставниците на реформаторите се извинија за говорот на омраза насочен кон етничките заедници, ги осудија насилствата на 24 април во Собранието, најавија нов курс во партијата со кој ВМРО-ДПМНЕ ќе има многу повеќе албански гласови од СДСМ откако ќе се отворат партиските тела за влез на сите етнички заедници, но и информираа за закани и притисок врз членови на партијата кои ги поддржале внатрепартиските реформи.

„Ние не смееме во иднина да дозволиме само политичарите да имаат контрола. Ако ВМРО-ДПМНЕ не одговори на нашето барање, ние имаме решение. Сакаме што помалку негатива да се фрли во јавноста. Но, ако имаме негирање од другата страна, ќе ја омасовиме поддршката на терен по што ќе стане нужно да се разговара. Убедени дека реформи набргу ќе има, отпор имаме само од структурите што биле поставени во штабовите во изминатите пет-шест години и се плашат да не бидат сменети“, рече еден од реформаторите, Александар Михајлоски.

Според него, има три периоди во однос на демократијата во ВМРО-ДПМНЕ. „Едниот е од 2006 до 2008 година, другиот период е од 2008 до 2011 и третиот по 2011 година. Кога дојде на власт во 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ имаше многу поголема демократија, имаше слободни медиуми, институциите сè уште беа слободни. По 2008 година, се загушуваше слободата на медиумите. За мене затворањето на ‘А1’ беше чекор кој му нанесе штета на ВМРО-ДПМНЕ и остави лош впечаток кај јавноста. По 2011 година, и институциите почнаа да се преземаат од ВМРО-ДПМНЕ. Ние не смееме во иднина да дозволиме само политичарите да имаат контрола“, рече Михајлоски.

Според него, 27 април не требаше да се случи и треба да се најде начин да им се прости на сите што беа подбуцнати да влезат во Собранието. „Огромен број од тие луѓе беше понесен со подбуцнувачка реторика за да се случи тој настан. Во тие моменти беше наведен народот да влезе во Собранието за отпосле раководството да се огради од тие луѓе и да ги нарече насилници. Освен за тие што беа со маски, за многумина од нив кои се чесни треба да се најде начин да им се прости и да не се собира негативна енергија во иднината“, рече Михајлоски.

Реформаторите на прашањето за односот кон етничките прашања одговорија дека не размислуваат за инвестиција во албански партии, туку во албански народ. Мора да се почне во инвеститрање кај сите народи, треба да се смени вокабуларот, одиме на космополитизам. Мора самите да инвестираме во себе, не како партии. Вокабуларот како „гасни комори“ мора да престане и судски да се одговара за секаков вид говор на омраза, рекоа реформаторите.

„Сакам да бидам похрабар и да се извинам за навредите на неодговорните поединци во првите денови на протестите на „За заедничка Македонија“ каде што без извикувани пароли со негативна конотација. Тие направија далекосежни негативни последици врз ВМРО-ДПМНЕ. За мене, патритизам не е извикување вакви пароли, туку изградба на силна држава и силни институции. Ние имаме намера да го надминеме еднонационалниот концепт и мислам дека тоа табу набргу ќе го смениме со искрена и чесна поставеност кон тоа прашање. Ние инсистираме на нашите изворни вредности. ВМРО-ДПМНЕ ќе има многу повеќе албански гласови од СДСМ, по реформите, ќе ги отвориме телата на партијата за влез на сите етнички заедници“, рече Петар Богојески.