Речиси е до самиот крај: Романец со пливање по Дунав ќе ја обиколи Европа

Речиси е до самиот крај: Романец со пливање по Дунав ќе ја обиколи Европа

Романецот Аврам Јанку, кој веќе 48 дена плива по Дунав, од планината Шварцвалд, со желба за 60 дена да го преплива целиот тек на реката до местотo каде што се слева во Црното Море, денеска стигна во Нови Сад.

Во оваа авантура се впуштил на 20 јуни кога влегол во Дунав во подножјето на Шварцвалд, а оттoгаш, пливајќи, поминал низ Германија, Австрија, Словачка, Унгарија и Хрватска со желба да го преплива целиот тек на реката во должина од 2.860 километри за 60 дена и да влезе во Гинисовата книга на рекордите.

„Романија влезе во Европска Унија пред 10 години и тоа е една од причините зошто се одлучив на овој потфат, затоа што Дунав, кој поминува низ 10 држави и четири престолнини, на некој начин ја обединува цела Европа“, рекол Јанку.

Вели дека се чувствува добро, дека во Германија и во Австрија имал тешкотии и дека се соочил со многубројни предизвици, но верува дека ќе стигне до целта.

„Во декември почнав со тренинзи за да бидам спремен. Вчера пливав 53 километри, а денеска до Штранд 34 и морам да кажам дека Дунав во Србија е многу попријатен отколку во Германија и Австрија, но не дозволувам времето да ми биде пречка, важно е да стигнам до целта“, рекол тој, кој инаку по професија е библиотекар.

Јанку е познат по тоа што успеал да го преплива Ла Манш пливајќи 18 часа без прекин, 62 километра.