Руски филмови за денот на победата

Руски филмови за денот на победата

Со филмот „28 Панфиловци“ утре (вторник, 9 мај), во 19 часот, во Кинотеката на Македонија започнува филмскиот циклус руски воени филмови.
За време на циклусот, кој ќе трае до 13 мај, ќе бидат прикажани уште 4 руски филмови со воена тематика. Циклусот е реализиран во соработка со Амбасадата на Руската Федерација.
На отворањето ќе биде прикажан новиот филмски воен спектакл „28 Панфиловци“, филм што предизвика различни реакции во филмскиот свет (и не само во филмскиот свет). Независно од тоа, се работи за исклучително филмско остварување што ги надминува рамките на жанрот. Филмот е реализиран супериорно, со најсовремена техника и функционира на сите нивоа – драматургија, режија, актерска игра, техника. Филмот очигледно подвлекува референци што се однесуваат на филмовите „Седумтемина самураи“ на Акиро Куросава и „Седумтемина величествени“ на Џон Старџис – филмови што ја креирале историјата на филмот – при што е јасна намерата (со користењето на таквата постапка) на авторите (Ким Дружинин, Андреј Шалопа) да ја одвојат легендата од вистината. „Ова е филм за хероите, не е документарец“, во една пригода ќе изјави за овој врвен историски спектакл продуцентот на филмот, Антон Јудиншев.
Филмот „28 Панфиловци“ е снимен со буџет кој бил собран со помош на т.н. „краудфандинг”, што всушност значи финансирање или вложување средства за реализирање на одреден проект со помош на собирање парични средства од голем број луѓе. Овој начин на собирање финансиски средства стана популарен во последниве години, по што на светскиот пазар се појавија т.н „ краудфандинг” платформи како „IndieGoGo“, „Kickstarter”, „Microventures” со чија помош се реализираат најразлични проекти, од филмови па сè до научни потфати. На овој начин, филмот „28 Панфиловци“ собрал повеќе од 34 милиони рубљи (над половина милион евра) и така тој стана најуспешниот филмски „ краудфандинг” проект во кој донирале точно 35.086 луѓе, сите наведени на одјавната шпица на филмот.
Сите тенкови во филмот се модели комбинирани со снимки од екстериери. Моделите се правени во размер 1:16, додека ентериерите во тенковите се сценографии изградени според оригиналниот изглед на внатрешноста во тенковите. Ова е еден од најнестрпливо очекуваните филмови во Русија кој ги оправда очекувањата и на публиката и на оние што донирале во филмот. крај/мф/