Светски ден на населението: оснажување на луѓето и нациите во развој

Светски ден на населението: оснажување на луѓето и нациите во развој

Д-р Наталија Канем, в.д. извршен директор на УНФПА (Фонд за население на Обединетите нации), со порака за планирање на семејството.
Секој ден ранливите жени, особено сиромашните жени и жените-бегалци, се соочуваат со општествени, економски и географски пречки во однос на доброволните услуги и информации за планирање на семејството.
На денешен ден пред педесет години,  тогашниот генерален секретар на Обединетите нации го основа УНФПА, Фондот за население на Обединетите нации, во вид на труст. И, од 1969 година, кога УНФПА почна со работа, па наваму, фондот помага во отстранувањето на пречките во планирањето на семејството и во овозможување на користењето на репродуктивните права од страна на жените. УНФПА придонесе кон тоа употребата на современи контрацептивни средства речиси да се удвои на светско ниво – од 36 проценти во 1970. на 64 отсто во 2016 година.
И покрај вонредниот напредок, и натаму остануваат огромни предизвици: на околу 214 милиони жени во земјите во развој им недостигаат безбедни и ефективни методи на планирање на семејството. Најголемиот дел од тие жени живеат во 69-те најсиромашни земји. Со задоволување на нивната неисполнета потреба би се спасиле животи и со тоа што би се спречиле 67 милиони случаи на несакана бременост и за една третина би се намалил проценетиот број смртни случаи на жени во текот на бременоста.
Подобрата нега на репродуктивното здравје, вклучително и доброволно планирање на семејството, може да им даде поттик на економиите и да придонесе кон одржлив развој така што ќе им овозможи на жените да го завршат своето образование, да се приклучат кон платената работна сила, да бидат попродуктивни на работните места, да заработуваат повисоки плати и да ги зголемат заштедите и инвестициите. Освен тоа, за секој дополнителен долар потрошен на контрацептивни услуги над сегашното ниво, цената на негата поврзана со бременост се намалува за $2,30.

Инвестициите во планирање на семејството помагаат во остварувањето просперитет за сите.
Според тоа, планирањето на семејството е од клучна важност во постигнувањето на одржливата развојна цел 1, искоренување на сиромаштијата. Тоа е, исто така, клучно и за остварување на другите цели, како што се искоренување на гладот и промовирање на здравјето и родовата еднаквост.
УНФПА си постави една амбициозна и трансформативна цел на искоренување на сите незадоволени потреби во врска со планирањето на семејството до 2030 година. На овој Светски ден на населението ги повикуваме сите влади и чинители да помогнат во остварувањето на оваа цел. Исто така, УНФПА ги повикува и сите 179 влади кои ја потпишаа Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој одржана во Каиро во 1994 година да ги исполнат своите обврски за обезбедување универзален пристап кон сексуално и репродуктивно здравје, вклучително и доброволно планирање на семејството. Тоа не само што претставува прашање на заштита на здравјето и правата туку е и прашање на инвестирање во економскиот развој и во просперитетот и напредокот на човештвото, се вели во пораката на д-р Канем.