СВР Охрид почна со превентивно-едукативната кампања „Среќни и безбедни матурски вечери“

СВР Охрид почна со превентивно-едукативната кампања „Среќни и безбедни матурски вечери“

 

Во пресрет на матурските прослави, СВР Охрид, на целото подрачје што го покрива, ја почна превентивно-едукативната кампања „Среќни и безбедни матурски вечери“.

„Претставници од Одделението за превенција од денеска ќе бидат во средношколските центри во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, и со матурантите ќе разговараат за неопходните мерки за безбедност при одржувањето на матурските прослави.

И годинава, полициски службеници ќе се грижат за безбедно и непречено одржување на матурските вечери на целото подрачје што го покрива СВР Охрид. Во таа насока, со планираните безбедносни мерки, покрај учениците, ќе бидат запознаени и советодавните групи граѓани, училишните одбори, раководните и стручни служби во училиштата, а посебни средби се планирани со агенциите за обезбедување, угостителските објекти и со други чинители, што е во согласност со концептот за полициско работење во заедницата.

Планираните мерки се преземаат со цел елиминирање на можностите за нарушувања на јавниот ред и мир и појава на други асоцијални однесувања, како и спречување на управување на моторни возила под дејство на алкохол или психотропни супстанци.

Низ видеопрезентации, матурантите ќе се запознаат со законскиот процес на стекнување на правата и законските одговорности, со обврските за почитување на законите за прекршоци против јавниот ред и мир, законот за безбедност на патиштата, кривичниот законик, како и со другата законска легислатива во Република Македонија. Пред учениците-матуранти, ќе се презентираат и законските обврски на полициските службеници. СВР Охрид, слични активности ќе презема и за безбедно одвивање и на полуматурските прослави на целото подрачје, се вели во соопштението на СВР Охрид. .Крај/мф/кс