СДСМ: Крадоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се последната одбрана на режимот на Груевски

СДСМ: Крадоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се последната одбрана на режимот на Груевски

Крадоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ се последната одбрана на режимот на Груевски, кој граѓаните го поразија на 11 декември, а ќе го поразат и на претстојните локални избори, велат од СДСМ во реакцијата на прес-конференцијата на Христијан Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Кандидирањето старо-нови крадоначалници, кои успешно го следат примерот на Груевски за криминално и расипничко владеење, уште еднаш докажа дека партијата ВМРО-ДПМНЕ е длабоко навлезена во криминал и сè уште не може да се ослободи од стегите на Никола Груевски и Сашо Мијалков. Коце Трајановски и Тони Трајковски се типични крадоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, кои работат како продолжена рака на нивниот шеф Никола Груевски, кои не се грижат за граѓаните, туку единствено за своите коруптивни интереси. Најголемото достигнување на Трајковски е што по нарачка на Груевски и Јанакиески одмазднички и противзаконски рушеше објекти, како што самиот Груевски кажа – со динамит. Трајановски ќе остане запаметен како најголем уништувач на градското зеленило и дрвјата во Скопје и како исполнувач на желбите на Никола Груевски. Неодговорното и расипничко владеење на Трајановски го остави Скопје со екстремно загаден воздух, нездрава животна средина и со урбанистички и сообраќаен хаос, а истовремено трошеше милиони евра народни пари за лажни градски плажи, врби, палми и панорамски тркала, само за да ги задоволи желбите и криминалните апетити на својот шеф Никола Груевски“, се вели во соопштението од СДСМ.

Граѓаните го препознаа, додаваат од СДСМ, одговорното, чесно и транспарентно работење на СДСМ и затоа на локалните избори чесната понуда на кандидати и програма на СДСМ ќе добие најголема поддршка од гласачите.