СДСМ: Проекциите за капиталните инвестиции, ВМРО-ДПМНЕ ги даваше од ракав

СДСМ: Проекциите за капиталните инвестиции, ВМРО-ДПМНЕ ги даваше од ракав

ВМРО-ДПМНЕ 11 години ја манипулираше јавноста со лажни и нереални проекции за економскиот раст на Македонија. Со ребалансот, Владата предводена од СДСМ покажа дека следните чекори ќе бидат базирани на реална основа, реагира СДСМ на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека со ребаланост на Буџетот се предвидува помал економски раст и дека се намалуваат капиталните инвестиции за 3 милијарди денари.

„Проекциите за капитални инвестиции досега се давале од ракав, за да изгледаат убаво и звучат помпезно, но во реалноста биле нереални планови. Затоа скратени се тие нереални планови кои и без ребалансот немало да се реализираат“, велат од СДСМ.

Ребалансот на Буџетот, стои во соопштението, ги следи потребите на сите категории граѓани, а парите наменети за луксуз и непотребни трошоци се враќаат кај граѓаните.

„Владата предводена од СДСМ, преку ребалансот започнува да го исполнува ветувањето за повеќе пари кај граѓаните. Со новата распределба на средствата, ќе им се помогне на фирмите да исплатат нова зголемена минимална плата во висина од 12.000 денари на околу 70.000 граѓани веќе во септември, трајно ќе се реши проблемот на стечајните работници, а ќе започне и проектот  „Младинска гаранција“ преку која младите ќе имаат можност за вработување или платена работа во приватниот сектор“, се наведува во реакцијата на СДСМ.