(ВИДЕО) Сеад Кочан: Не сум виновен

(ВИДЕО) Сеад Кочан: Не сум виновен

„Не сум виновен“, рече првообвинетиот во случајот „Труст“, бизнисменот и сопственик на „ТВ Нова“, Сеад Кочан, на расправата во скопскиот кривичен суд.  Кочан и уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани, се обвинети за незаконско добивање тендер на Електрани на Македонија.

Според обвинителот на СЈО, Гаврил Бубевски, пред 6 години обвинетите свесно се затекнале во вистинско време и вистинско место, но со невистинита документација. Тој рече дека обвинетите нелегално се богателе со фалсификувани документи и го добиле тендерот на ЕЛЕМ.

„Заради тие 17 милиони евра, целосно се погазени правилата на конкуренцијата, чија примена во областа на јавните набавки, е од особено значење
бидејќи има за крајна цел подобрување на јавните услуги на граѓаните. Од тие причини, кривично-правната заштита на конкуренцијата законодавецот ја предвидел во членот 275-в од Кривичниот законик на Република Македонија и го инкриминирал свесното изигрување на прописите на постапката за склучување на договор за јавна набавка, вклучително и со поднесување на невистинита документација“, рече Бубевски.

„Обвинетите ископале 1 милијарда и 600 милиони денари“, рече обвинителот на СЈО во своите своите воведни зборови додавајќи дека се погазени правилата на конкуренцијата. „Потписите се неми сведоци за криминалната свест и совест на обвинетите”, додаде Бубевски.

Претходно судијката Лидија Трајковска Зимбовска го отфрли барањето на адвокатите на обвинетите да се закаже посебно подготвително рочиште зашто ја добиле листата на докази, но не биле запознаени со доказите.  Обвинителот на СЈО, Артан Ајро, им делеше цедеа со докази на обвинетите и адвокатите со сите докази, скенирани записници од сведоци и слично.

Второобвинетиот Василије Авировиќ и третообвинетиот Сафет Ватиќ се изјаснија за невини. За адвокатката Сања Алексиќ, бранителка на 2 обвинети и на правните лица, вештачењето на СЈО е нерелевантно. Таа вели дека Конзорциумот располагал со многу повеќе вработени од она што е наведено како услов во тендерот.  Адвокатот на Ватиќ, Митко Јанчев, рече дека неговиот клиент не е играч од висок ков за да игра големи игри.

Претходното рочиште беше одложено бидејќи одбраната тврдеше дека обвинетите примиле само обвиненија, без листа на докази што ги предлага СЈО. Кочан заедно со Василие Авировиќ и Сафет Ватиќ се обвинети дека ја злоупотребиле постапката за јавен повик, за доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Станува збор за тендерот што во 2011 година го распиша државната фирма „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. Доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на механизација и за кадровска екипираност, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ, вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра. Во „Труст“ се обвинети и три правни лица: „Транс Mет“ од Скопје,, „Силекс“ од Кратово и „Вато“ од Студеничани. Oбвинетите доставиле лажна документација во која прикажале наводна сопственост на тешка механизација за ископување, која ја немале и не ја набавиле, а таа што ја имале била со помал капацитет.

Адвокатот Јован Јоанидис рече дека настапила застареност на кривичното дело. По 3 часа расправа заврши рочиштето за Кочан. На следното рочиште на 21 ноември е закажана доказната постапка.

В.М.