Седмо издание на Неделата на дизајнот во Скопје

Седмо издание на Неделата на дизајнот во Скопје

Неделата на дизајнот во Скопје оваа година ќе се одржи седми пат, од 22 до 26 ноември во „Јавна соба“ и во продавницата за осветление и мебел „Лукс“, а подготовките влегуваат во финална фаза.

Тема на годинашното издание на Неделата на дизајнот е „Звукот на материјалите“ водејќи се од фактот дека материјалите, нивната достапност и нивната обработка во моментот се примарни елементи во еден производ.

Фестивалот оваа година ќе се претстави пет програмски целини, каде што секако водечката е секцијата на дизајн-изложбите. Земја во фокус оваа година е Унгарија и ќе се претстави со врвна изложба составена од 20 студија за дизајн, компании и поединци. Покрај изложбата, унгарските дизајнери, кои во голем број, доаѓаат во Скопје, ќе имаат презентции за деловниот и дизајн-аудиториумот на фестивалот, но и ќе посетат неколку фабрики во околина на Скопје.

Пет музички групи од регионот ја имаат честа да настапат на Неделата на дизајнот, и тоа: „Васил Хаџиманов бенд“, „Ѓорги Шаревски трио“, „Како – кало банда“, „Артан Лили“ и „Михали Борбели Балкан џез-проект“.

Српска кулинарска забава е перформанс на готвачот Мирко Веселиновиќ од винарницата „Башек – Веселиновиќ“ од Сремски Карловци и настанот ќе биде целосно достапен за јавноста. Викенд-програмата е резервирана за работилница за дизајн-размислување водена од експерти од целиот Балкан и научно-практична работилница за деца од 7 до 10 години.

Влезот на Неделата на дизајн на двете локации, „Јавна соба“ и „Лукс“ е слободен за сите посетители.