Синдикатот на УПОЗ бара оставка од Караџовски

Синдикатот на УПОЗ бара оставка од Караџовски

Синдикатот на УПОЗ реагира бидејќи со предлог-буџетот за 2018 година се изоставени вработените во судската служба и во јавнообвинителската служба, кои во неколку наврати штрајкуваа  и бараа зголемување на платите. Синдикатот побара неотповиклива оставка од претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој според нив е најодговорен за лошата финансиска поддршка на вработените во судската служба.

„Караџовски го сметаме за главен виновник затоа што двапати по 40 проценти, кои минатата година ни беа задржани, беа на сметка на судовите до 31 декември 2016 година и можеше многу едноставно со негово одобрение овие пари да ни бидат вратени назад“, рече потпретседателката на Синдикатот на УПОЗ, Верица Тасева.

Од Синдикатот на УПОЗ очекуваат да се подобрат и условите за работа на вработените во казнено-поправните и во воспитно-поправните домови. Информираа дека оствариле средба со директорот на Управата за управување на санкции и најавија дека во подготовка е новиот закон за извршување санкции во кој учествуваат и претставници на синдикатот.

За изборот на претседател на ССМ, УПОЗ информира дека дава поддршка за Пецо Грујовски, кој според нив ги исполнил условите да биде можен кандидат за претседател.