Скандали го тресат Институтот за сметководители – ќерки, снаи и зетовци откриени во управните органи

Скандали го тресат Институтот за сметководители – ќерки, снаи и зетовци откриени во управните органи

Институтот за сметководители и овластени сметководители го тресат скандали откако во органите кои го управуваат е утврден непотизам, нетранспарентна постапка за нивниот избор, разрешени се претседателката и управниот одбор, а Институтот може да се соочи со казни од над пола милион евра поради незапазени рокови за издавање лиценци и уверенија, дознава „Макфакс“.

Речиси еден месец Институтот нема претседател откако надзорниот одбор на крајот на минатата година ја разрешил досегашната претседателка Ленче Папзовска поради лошото функционирање на Институтот изминатава година, што било констатирано од Министерството за финансии. Нов претседател не е избран, па нема кој да ги потпишува лиценците и уверенијата што ги издава Институтот.

Сметководителите се жалат дека во време кога треба да ги подготвуваат завршните сметки тие се оптоварени со дополнителни обврски кон Институтот оти секојдневно се лобира за нов претседател. Дел од нив алармираат дека разрешувањето на Папазовска е незаконско и дека и тоа е дел од скандалите, непотизмот и работењето по директиви од луѓе од други институции.

Проблемите во функционирањето на Институтот почнале од самото формирање во јули 2016 година, а во 2017, пак, сите проблеми биле потврдени со надзорот што го направило Министерството за финансии од каде констатирале низа неправилности, нетранспарентност во формирањето и пропусти во постапките. Раководството на Институтот, соочено со забелешките, се договорило да свика состанок на собранието на кој ќе се разговара за наодите на Министерството, а како решение за нетранспарентниот избор на органите во Институтот се договориле да се самораспуштат и да се направи нов избор низ транспарентна постапка. Но, сметководителите велат дека Надзорниот одбор не го испочитувал договорот и пред да се случи состанокот на собранието ја разрешил претседателката Папазовска, а состанокот воопшто не се одржал, иако бил подготвен дневниот ред.

Сега сметководителите прават нов обид да го закажат собранието на кое ќе има самораспуштање на сите органи, но се жалат дека нема каде да ја објават најавата оти не им функционира интернет-страницата.

Сите наводи на сметководителите, кои инсистираа на анонимност, ги потврди разрешената претседателка.

„По надзорот од Министерството за финансии утврдивме дека има непотизам во управните органи на Институтот. Откривме дека претставниците во собранието од некои подружници се роднински изврзани, што не е дозволено. Сестри, ќерки, снаи, зетовци се појавуваат на седниците на собранијата како претставници на една подружница. Затоа се договоривме да донесеме одлука за самораспуштање на сите органи на Институтот за да може да се формираат нови низ транспарентна постапка. Но, јас бев разрешена од надзорниот одбор пред да се одржи седницата, иако и за надзорниот одбор беше договорено самораспуштање. Разрешен е и управниот одбор. Седницат, со истиот дневен ред е презакажана за 9 февруари, но нема каде да се објави оти се блокирани домејните на интернет-страницата оти некој договорил тие да бидат сопственост на друга институција. И за тоа ќе побараме истрага“, изјави за „Макфакс“  претседателката Папазовска.

Таа за Министерството за финанси подготвила целосен извештај за состојбите во Институтот и веќе го испратила. Во него се ставени и сите податоци за финансиското работење на Институтот со приказ на чии се сметки се префрлани пари.

Саша Раденковиќ, претседател на Надзорниот одбор на Институтот, вели дека е презафатен за да одговори на прашањата за разрешувањето на Папазовска и најави одговори на сите отворени прашања околу смената в петок.

(М.И.П.)

(Продолжува утре)