Скандалот со контаминираните јајца се прошири во 17 држави

Скандалот со контаминираните јајца се прошири во 17 држави

Европската комисија објави денеска дека јајцата контаминирани со инсектицидот „фипронил“ се нашле на пазарите во 15 земји членки на ЕУ, како и во Хонг Конг и во Швајцарија.

Контаминираните јајца се дистрибуирани во Шведска, Велика Британија, Австрија, Ирска, Италија, Луксембург, Полска, Романија, Словачка, Словенија и Данска.

Двете земји кои не се членки на ЕУ, Швајцарија и Хонг Конг, исто така добиле испорака на контаминирани јајца од фарми во Белгија, Холандија, Германија и во Франција.

Комисијата планира да свика министерски состанок за 26 септември, на кој би се разговарало за скандалот.

Британската агенција за безбедност на храната (ФСА) проценила дека околу 700.000 јајца се испратени во Велика Британија од потенцијално контаминираните фарми во Холандија. ФСА нагласила дека опасноста за јавното здравје е многу мала.

Француското министерство за земјоделство соопшти дека речиси 200.000 контаминирани јајца од белгиските фарми се пуштени во продажба и по нивото јадење, не е забележано никакво влијание врз здравјето.

Француското тело за безбедност на храната соопшти дека возрасен човек тежок 70 килограми би требало да изеде најмалку 10 јајца во еден оброк за да се изложи на ризик од акутно труење, а дури и во таков случај последиците се бенигни.

Холандската полиција уапси две лица осомничени во истрагата за незаконита примена на отровниот инсектицид.