Скопје – кандидат за домаќин на ЕП во женски ракомет во 2022 година

Скопје – кандидат за домаќин на ЕП во женски ракомет во 2022 година

Градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, денеска во Загреб учествуваше на работниот состанок во врска со заедничката кандидатура на Македонија, Словенија и на Црна Гора за организација на европското првенство во ракомет во женска конкуренција во 2022 година. Како градови организатори на ова првенство ќе бидат Скопје од Македонија, Подгорица од Црна Гора и Целје и Љубљана од Словенија.

На официјалното поднесување на кандидатурата присуствуваа и градоначалниците на Загреб, Подгорица и на Љубљана, како и претседателите и претставници на ракометните федерации на Македонија, Црна Гора и на Словенија вклучувајќи и високи преставници на Европската ракометна федерација (ЕХФ).

Во своето обраќање пред присутните градоначалникот Петре Шилегов нагласи дека Скопје ужива углед на добар домаќин и има потенцијал достоинствено да ги прими туристите и љубителите на ракометот и да им обезбеди добра забава и пријатен престој за време на европското ракоментно првенство во женска конкуренција.

Градот Скопје со години организира големи спортски настани, како УЕФА Суперкупот Скопје 2017, меѓународниот Скопски маратон и други спортски настани за кои со гордост може да се каже дека го вбројуваат Скопје во редот на големите градови кои успешно се соочуваат со овие предизвици.

„Овие типови на големи спортски настани обезбедуваат вклучување на социјалните и културните особености на градот домаќин во целокупното туристичко искуство на добрите практики од светот. Така обезбедуваме одлична можност да ги прикажеме културното наследство на градот, неговата историја и уметност, локалната храна и музика, како и сето она што го прави нашиот град уникатен и интересен за посета“, рече Шилегов.

Македонија испрати заедничка кандидатура со Словенија и Црна Гора за организација на европското првенство во женска сениорска конкуренција во 2022 година, што ќе се игра во периодот од 4 до 20 ноември 2022 година. Кандидатурите на Македонија, Словенија и на Црна Гора се единствени за првенството во 2022 година.

Од РФМ информираат дека во наредниот период ќе следуваат неколку фази за спроведување на кандидатурата, кои, меѓу другото, содржат инспекција на одговорните лица од ЕХФ и евалуација на кандидатурата. Конечната одлука за доделување на организацијата на првенството ќе биде донесена на конгресот на ЕХФ, кој ќе се одржи во Глазгов на 18 и 19 јуни 2018 година.