„СМК“, „Македонски манифест“ и „Тврдокорни“ ќе побараат Иванов да не го потпише Законот за јазици и оспорување пред Уставниот суд

„СМК“, „Македонски манифест“ и „Тврдокорни“ ќе побараат Иванов да не го потпише Законот за јазици и оспорување пред Уставниот суд

Светскиот македонски конгрес, Македонски манифест, Здружението „Преродба“ денеска како граѓанска иницијатива против Законот за употреба на јазиците предводена од отец Ивица Тодоров и здружението „Тврдокорни“ ќе протестираат во паркот „Жена-борец“, спроти Собранието, против донесувањето на Законот за употреба на јазиците.

Во објавата на Фејсбук пишува: „Мирниот протест не е против малцинските етнички заедници во Македонија! Протестот е со барање до Владата да го повлече предлог-законот за употреба на јазиците од Собранието бидејќи е неуставен, не е европски, ги руши унитарноста и територијалниот интегритет на државата, ги дискриминира помалите етнички заедници, ја дестабилизира земјата и врши мајоризација на малцинството врз мнозинството и, секако, не смее да се злоупотребува за претстојните локални избори“.

Доколку Собранието го донесе Законот, организаторите ќе бараат од претседателот Ѓорге Иванов да не го потпише указот за прогласување на Законот, а доколку Законот се објави во „Службен весник”, организаторите ќе го оспорат пред Уставниот суд на Македонија.

Организаторите подготвиле транспаренти на македонски и англиски јазик со слоганите: „Предавството не е демократија!“ „Законот за јазиците е антинуставен!“ „Законот за јазиците не е европски закон!“ „Една држава – еден јазик, и дома и во светот!“, „НЕ на јазичната федерализација!“, „Македонскиот јазик за сите, и дома и во светот!“, „Што за Албанците во Македонија, тоа за Македонците во Албанија!“, „Реципроцитет меѓу Македонија и Албанија!“, „Македонија – унитарна држава!“