МАКФАКС

Собата на Ван Гог во еко дизајн

Собата на Ван Гог во еко дизајн
21.04.2017, 15:18

Во рамките на прсетојното издание на фестивалот „Скопје креатива 2017“ што ќе се одржи од 4-6 мај во МКЦ, Архитектонски факултет ќе учествува со делото со наслов „Влези/enter“. Делото претставува 3Д транскрипција на сликата на собата на Ван Гог. Собата ќе биде изведена од разни видови картони и лесонит, како 3Д релјеф што продолжува и излегува во просторот како макета.

Група студенти од насоката индустриски дизајн на Машинскиот факултет, пак, учествуваат на фестивалот со делото „Eco world“. Студентите изработија прототипи на светилки и парчиња мебел во рамките на предметот еко дизајн, под менторство на проф. Татјана Кандикјан. Со примена на сознанија и принципи од областа на еколошкиот дизајн студентите постигнаа креации на производи со висока естетика.

По повод 10 години постоење, Универзитет за аудиовизуелни уметности ЕСРА/ЕФТА, на „Скопје креатива“ ќе се претстави со проекции на студентски филмови. Публиката ќе може да ги види: „Аларм“ на Ана Алексовска, „Радио“ на Марко Црногорски, „Земја“ на Ибрахим Дехари, „Обожение“ на Кирил Каракаш и Светислав Подлешанов и „Dark Hours_A Tale of Noir“ на Трифун Ситниковски. Ќе се претстават и студенти по актерска игра од втора година од ЕФТА, од класата на проф.Мето Јовановски, со кратка комична сцена, колективна импровизација.

Свое претставување на фестивалот ќе има катедрата по филмска режија при Факултетот за драмски уметности  (ФДУ) на УКИМ. Ќе биде прикажан колаж на филмови од повеќе автори со различен естетски и режисерски пристап на темата „Портрет“. Меѓу авторите на филмовите се: Дејан Јованов, Борјан Стојков, Ибрахим Батухан, Антонио Митриќески, Борјан Зафировски.

„Скопје креатива 2017“ ќе биде домаќин и на Меѓународниот балкански универзитет, односно Факултетот за уметност и дизајн кој располага со три студиски програми: графички дизајн, визуелна уметност со ликовна педагогија и визуелна уметност и медии. На одделот за графички дизајн се вклучени курсеви за типографија, илустрација и пакување, како и употребата на графички дизајн софтвер за 3Д дизајн, веб-дизајн и интерактивни мултимедијален дизајн, преку комбинирана употреба на бои, слики, текст, звук и движење. Визуелна уметност со ликовна педагогија е оддел, каде што студентите создаваат дела што се првенствено од визуелна природа. Визуелната или ликовна уметност го има визуелното изразување како основен јазик за комуникација. Студентите ќе имаат можност да ги запознаат и изучат визуелните дисциплини од областа на ликовната и применета уметност како: цртежот, графиката, сликарството ,  вајарството и мултимедијата.

Училиштето „Нова“ на „Скопје креатива“ ќе организира работилница за црно-бела фотографија, а учесниците ќе имаат можност да го искусат целосно процесот на создавање фотографии: од чкрапнување на апарат што користи филм, развивање на филмот, па до изработка на самите фотографии. крај/мф/

No Posts Found

Поврзани написи

Макфакс е-билтен

Email *