„Соколите“ израмнија против МЗТ

„Соколите“ израмнија против МЗТ

Кошаркарите на Карпош Соколи го израмнија резултатот во финалната серија против МЗТ на 1-1, откако вечерта во вторникот, славеа на домашен терен 104:93 (26-26, 34-16, 21-14, 23-37).

Карпош Соколи и МЗТ одиграа натпревар во кој одбраните беа ставени во втор план, а двата тима го покажаа својот напаѓачки потенцијал.

Домаќинот блескаше 35 минути од натпреварот, а клучната разлика ја направи во втората четвртина. Карпош два пати имаше предност од 25 поени, но во последните пет минути му дозволија на МЗТ со серија од четири тројки да се врати во мечот. Тимот на Назор најпрвин се доближи на 87:80, а во последната минута и на 96:91, но немаше ниту сили, ниту време за пресврт.

Карпош доминираше во скокот (35/23), имаше повеќе украдени (10/5) и помалку загубени топки (15/19), а пресудни беа поените од втор обид (26:8).

Домашниот тим имаше шестмина играчи кои постигнаа двоцифрен број на поени, најефикасен беше Лабовиќ со 24 поени и 10 скокови, а Пери и Мавра постигнаа по 14 кошеви.

МЗТ го предводеа Лалиќ со 16 и Дреновац со 14 поени.

Третиот меч од финалната серија во домашното првенство ќе се игра в петок во СЦ „Јане Сандански“. крај/мф/нц