Ристовски: Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање не е реформа туку антиреформа

Ристовски: Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање не е реформа туку антиреформа

Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање не е реформа туку антиреформа. Намерата на СДС да го укине екстерното тестирање е додворување на дел од родителите кои се третираат само како потенцијални гласачи, а не и како луѓе на кои државата треба да им обезбеди подобро образование за нивните деца и да бидат поуспешни во животот.

Ова во петок на прес-конференција го изјави Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ, при тоа појаснувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ го воведе екстерното тестирање како одговор на една појава која почна во периодот на транзицијата, а се манифестираше преку масовно пишување највисоки оценки без да се обезбеди дека ученикот има доволно стекнато знаење за таквата оценка.

„Факт е дека ваквиот начин на оценување во моментот ги задоволуваше и учениците и родителите, но предизвикуваше штети во две насоки. Прво, ги изедначуваше и подобрите и послабите ученици и влијаеше на потешко препознавање на квалитетот. Второ, ги стимулираше учениците и нивните родители и понатаму без многу труд и учење да добиваат повисоки оценки“, рече Ристовски.

Според него, на долг рок тоа предизвикува сериозни последици врз цели генерации ученици кои треба да се вработат и да се натпреваруваат на пазарот на труд со своето стекнато знаење.

„Ставот на ВМРО ДПМНЕ секогаш бил дека целта на образованието не треба да бидат високи оценки и дипломи без знаење. Основната цел треба да биде знаењето. Партиите не треба да се пазарат со овие приоритети и со спуштање на критериумите да се обидат да им се допаднат на родителите или учениците“, порача Ристовски.

Тој уште додаде дека СДС со планот за укинување на екстерното тестирање ја враќа назад Република Македонија.

„Доколку СДС до крај ги реализира популистичките најави, постепено сè ќе се врати по старо. Оние кои имаат поголемо влијание ќе успеат да ургираат нивното дете да биде со одличен успех, без разлика дали учело или не учело. Дел од учениците ќе имаат висок успех со труд и знаење, а дел ќе имаат висок успех благодарение на нивните влијателни родители. Вината повторно ќе падне на наставниците, иако тие и сега, како и порано ќе бидат принудувани да попуштат пред притисоците“, рече Ристовски.

Според него, укинувањето на екстерното тестирање е рефлекс на кризата на вистинските вредности, најава на прикажување на антиреформите како реформи од страна на СДС и начин како СДС ќе ги злоупотребува емоциите на дел од децата и родителите заради личен политички профит. /крај/со/ст