Средба Шекеринска-Креј: Македонија членка на НАТО е заедничка цел

Средба Шекеринска-Креј: Македонија членка на НАТО е заедничка цел

Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, денеска во Министерството за одбрана се сретна со командантот на Националната гарда на државата Вермонт, САД, генерал-мајор Стивен Креј.

Од двете страни беше изразено огромно задоволство од искреното партнерство кое трае веќе 22 години. Во периодот од 1995 година, па сè до денес со Националната гарда на Вермонт реализирани се повеќе од 850 активности на кои повеќе од 4.500 припадници на МО и АРМ имале можност да се запознаат со стандардите, тактиките и техниките на работење на Националната гарда на Вермонт, вооружените сили на САД и НАТО-стандардите.

„Благодарение на оваа соработка ги подигнавме стандардите на АРМ во согласност со стандардите на НАТО“, порача министерката.

Зборувајќи за нашата стратегиска определба, членството во НАТО, министерката Шекеринска истакна дека Македонија смета на своите стратегиски партнери, особено сега кога работиме забрзано и искрено кон членството во НАТО. Македонија – членка на НАТО, е заедничка цел зашто служи на двата крупни интереса – стабилен регион, но и стабилни и безбедни граѓани на Република Македонија“, додаде министерката.
Генералот Креј истакна дека од 70 партнерства на националните гарди на САД во светот, партнерството на Националната гарда на Вермонт и АРМ е еден од најуспешните примери на соработка која има неограничен потенцијал.

„Стратегиското партнерство е навистина корисно за двете земји и ние се гордееме за сè што успеавме да обезбедиме за Македонија, меѓутоа и за искуството што го стекнавме овде во Македонија. Навистина се гордееме и на успехот што го имавме во мисијата „Феникс“ во 2010 година“, рече генералот Креј.