„Стабилократија“, нов начин на владеење во земјите од западниот Балкан

„Стабилократија“, нов начин на владеење во земјите од западниот Балкан

На 23 јуни, во присуство на повеќе странски челници колку што може да собере, Александар Вучиќ беше инаугуриран како претседател на Србија.

Поранешниот премиер, избран за претседател на 2 април, одлучи да одржи голема инаугуративна церемонија за да ја демонстрира својата величина.

За свој наследник на премиерската функција, Вучиќ ја номинираше Ана Брнабиќ, декларирана геј жена, со што заработи поени кај странските либерали.

Западните лидери можеа да здивнат. Србија е една од помоќните држави на западниот Балкан, а Вучиќ, без оглед на неговите недостатоци, може да ја одржи стабилна.

Варијации на оваа зделка може да се забележат низ регионот. Некои ги нарекуваат ваквите влади „стабилократии“

Главен опонент на Вучиќ во претседателската трка беше Вук Јеремиќ, поранешен српски министер за надворешни работи. Кампањата беше валкана. Медиумите блиски до Вучиќ излегоа со тврдења дека Јеремиќ бил таен муслиман поддржан од Исламска држава, кој бил соучесник во убиство од висок профил. Неговата сопруга наводно предводела нарко картел. Полицијата дури и го испрашуваше Јеремиќ поради наводни финансиски неправилности, но не поднесе обвиненија.

Јеремиќ вели дека сите приказни биле измислени.

Она што му се случи на Јеремиќ никого не изненади. Според Срѓа Павловиќ, црногорски академик кој е автор на терминот„стабилократија“, Западот ги игнорира сите локални автократи сè додека го чуваат мирот. Босна, на пример, останува дисфункционална повеќе од две децении, поделена по етнички клуч, но Америка и Европа го толерираат тоа под услов тамошните лидери да не дозволат кризата да стане насилна.

„Стабилократијата“ функционира различно, во зависност од државата. Во Црна Гора јасно е кој го води шоуто. Од 1989 година тоа беше Мило Ѓукановиќ, кој повремено се повлекуваше од функцијата претседател или премиер, влечејќи ги конците од зад сцената.

Црногорската влада беше наградена од Западот со придружувањето на земјата во НАТО на 5 јуни.

Обично во земјите од Балканот изборите водат до преговори за коалиции кои се фокусираат како да се подели пленот.(Избори како оние што се одржаа во Албанија на 25 јуни во кои социјалистите убедливо победија се многу ретки)

Решението за тоа кој кое министерство ќе го добие е релативно лесно. Поголем проблем е кој која државна компанија ќе ја добие. Во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ, партија што беше на власт повеќе од деценија, конечно попушти по протекувањето на информациите за корупција и мешање во судството.

На 31 мај Социјалдемократскиот сојуз, заедно со албанските партии, ја презема власта. Но новата влада ќе продолжи по истиот пат како нивните претходници, доколку „не прекине со практиката за партиска контрола врз државата“, вели Флорија Бибер, политиколог од Универзитетот Грац. /макфакс/