Стојанче Ангелов се повлекува од лидерската позиција во Достоинство

Стојанче Ангелов се повлекува од лидерската позиција во Достоинство

Стојанче Ангелов се повлекува од лидерската позиција во Достоинство. Причина за ваквата одлука на Ангелов е неговиот ангажман во МВР. Достоинство понатаму ќе ја претставуваат потпретседателот д-р Благоја Марковски и генералниот секретар Драган Василевски, а Ангелов останува обичен член на партијата.

Тој вечерва на „Фејсбук“ потврди дека на претстојните локални избори Достоинство ќе настапи како дел од коалицијата предводена од СДСМ.

„Главна причина поради која Достоинство влегува во оваа коалиција е нашето убедување засновано врз досегашните потези и ветувања на премиерот, министрите за внатрешни работи и за одбрана, како и на други претставници на Владата и раководството на СДСМ, дека ќе излезат во пресрет на повеќето барања на Достоинство поврзани со правата на македонските бранители од 2001 година, но и со правата на сите други припадници на македонската армија и полиција.

Втората причина поради која влегуваме во коалицијата предводена од СДСМ е нашата перцепција дека оваа Влада на задоволнително ниво ќе се бори против криминалот и масовната корупција во нашето општество.

Третата причина е можноста што ни е оставена и понатаму да излегуваме со наши ставови кои за одредени прашања ќе се разликуваат или дури ќе бидат спротивни на актуелните ставови на Владата на РМ, како што е, на пример, делот од т.н. законот за јазиците бидејки Достоинство е категорично против двојазични полициски униформи“, напиша Ангелов на „Фејсбук“.