Судијката на Сеад Кочан наметна брза динамика за судењето на „Труст“

Судијката на Сеад Кочан наметна брза динамика за судењето на „Труст“

Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска, која е претседателка на судечкиот совет во случајот „Труст“, во кој првообвинет е бизнисменот и сопственик на ТВ „Нова“, Сеад Кочан, на претходното и на денешното судење закажа термини за неколку рочишта однапред за ноември и декември. Ставот на судијката за динамиката и брзото закажување рочишта е дека судот не би требало да се поведува од поединечните желби на сите странки и дека треба да се почитува ефективноста на кривичната постапка и да се спроведува т.н. концентрационо судење, кое предвидува одржување зачестени рочишта во кратки рокови.

Адвокатката Сања Алексиќ, која е бранителка на второобвинетиот Василије Авировиќ, на денешното рочиште реагира дека тие како адвокати имаат и други клиенти со веќе закажани судења и дека ќе биде проблем да стигнат секаде. Судијката ѝ одговори дека тоа не е нејзин проблем бидејќи ги посочува оние термини што се слободни за судење. На новинарско прашање дали обвинителот Гаврил Бубевски гледа разлика во ревносното закажување следни рочишта од судијката, кое е несвојствено за другите предмети што се водат пред судот, тој рече: „Не би рекол ревоносно. Судијката си ја врши работата. Така е предвидено во ЗКП. Ова не е ревносно, ова е редот на нештата“.

Судијката Лидија Трајковска-Зимбовска е позната и по своевидниот бунт против експретседателот на кривичниот суд, Владимир Панчевски, кога беше прераспоредена да суди прекршоци. Таа побара од Врховниот суд да не им суди на своите колеги од прекршочниот оддел во случајот „Јустиција“. Оваа судијка одлучи да го отфрли барањето на адвокатите во „Труст“, место главна расправа, да организира подготвителна расправа, а на денешното рочиште го отфрли предлогот на бранителите да се организира подготвително рочиште само за доказите бидејќи, како што рече, тоа ќе се прави во доказната постапка.

В. Маглешов