Суспендирана ексдиректорката на скопската Агенција за вработување – пазарувала по маркети на државен трошок

Суспендирана ексдиректорката на скопската Агенција за вработување  – пазарувала по маркети на државен трошок

Машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, фстаци и други јаткасти производи – ова се само дел од „луксузирањата“ на сметка на Центарот за вработување на Скопје при Агенцијата за вработување, од страна на неговата поранешна раководителка Слободанка Алексовска.

Директорката на Агенцијата за вработување , Билјана Јовановска, денеска на прес-конференција информираше дека Алексовска  е суспендирана од работното место раководител на Центар за вработување на град Скопје и за неа е донесена одлука за поведување  дисциплинска постапка која ќе продолжи по завршување на изборите. Во тек е и комплетирање на документација неопходна за поднесување кривична пријава за сторени кривични дела од нејзина страна. Алексовска несовесно, спротивно на правните прописи, со злоупотреба на службената положба и овластувања, нанела штета на имотот и буџетските средства на Агенцијата за вработување.

Таа спротивно на Правилникот за користење службени моторни возила користела 2 службени возила надвор од работното време, по 16,30 часот, и тоа за време на викенди, за време на користење слободни денови и при користење  годишен одмор.  Од буџетот на АВРМ трошела средства за патарини и паркинг услуги надвор од работното време, во неработни денови и во доцни вечерни часови. Исто така за угостителски услуги се правени повеќе сметки со износи  над 6.000 денари во доцни вечерни часови и викенди.

Суспендираниот раководител на Центар за вработување на град Скопје од буџетот на АВРМ во 2016 година има потрошено 429.597 денари (7.000 евра)  и за првата половина од 2017 година 116.625 денари (околу 2. 000 евра) за свои лични и семејни потреби од маркети, молови, аптеки и слично, а видно од приложените сметки.

„Сето ова покажува какви неодговорни лица раководеле со АВРМ во изминатиот период и како злоупотребувале државни средства, пари од граѓаните за свои лични потреби и задоволства, оставајќи позади себе хаос, штета, безредие и поттикнувајќи беззаконие. Законот важи за секого и секој што нема да го почитува ќе сноси одговорност. Ја известувам јавноста дека сите мои постапувања во вршење на должноста директор на АВРМ се и во иднина ќе бидат исклучиво врз основа на позитивните законски прописи поткрепени со материјални докази. Во тек се ревизии и обезбедување докази за многу неправилности во раководењето и работењето во АВРМ, за што ќе бидат преземени соодветни законски мерки и за истото јавноста ќе биде благовремено известена.