СУТКОЗ: Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ незаконски отпушта работници

СУТКОЗ: Директорот на ЈП „Водовод и канализација“ незаконски отпушта работници

Синдикатoт на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитни друштва (СУТКОЗ) обвини дека првиот човек на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје, директорот Александар Атанасов, незаконски отпушта и деградира работници кои се партиски неподобни. Претседателот на СУТКОЗ, Дарко Димовски, рече дека Синдикатот ја оспорува и неговата диплома и бара градоначалникот на Град Скопје да го разреши од функцијата генерален директор на јавното претпријатие.

– Атанасов не го почитува ниту Законот за работни односи, ниту пак колективниот договор потпишан со овој синдикат и без спроведување на потребните процедури, само врз основа на даден изказ на граѓани избрка 10 работници со долгогодишно работно искуство – рече Димовски, кој го  обвини директорот на ЈП „Водовод и канализација“ дека деградирал повеќе од 700 работници и избришал голем број од работните позиции.

Од СУТКОЗ тврдат и дека Атанасов е избран на функцијата незаконски и без признаена странска диплома и бараат градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, да ја преиспита одлуката и да го разреши од функцијата на која тој е веќе две години.

– Сѐ уште не му е признато ниту средното образование кое го завршил во САД, што значи дека е избран на незаконски начин и сите одлуки кои ги носи се незаконски и невалидни, па и онаа каде што стави потпис на кредитот за изградба на зградата – рече Димовски.

Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбеното стопанство, занаетчиство и заштитни друштва најави и предкривична постапка против директорот на „Водовод и канализација“ Александар Атанасов пред Основното јавно обвинителство за незаконско отпуштање на работници и прикривање дека нема признаени дипломи за образование при изборот за директор.

Даут Салиу, еден од отпуштените инкасатори во ЈП „Водовод и канализација“ кои се пред крај на судскиот процес против директорот Атанасов, изјави дека ако се продолжи со нестручно и незаконско раководење, претпријатието може да доживее тешка хаварија која ќе ги погоди сите жители на Скопје.

 Десет луѓе се истерани од работа без никаков законски основ, ниту пак правно водена процедура. Мојот отказ е за грешка која требало да ја откријат контролорите, а не јас како инкасатор, но сега процесот е веќе пред Апелациониот суд и верувам дека одлуката ќе биде на моја страна – изјави Салиу.

Отпуштените од работа тврдат и дека директорот на ЈП „Водовод и канализација“ не може да ја извршува функцијата и затоа што условно е обвинет.