„Тврдокорни“ попладне на протест, бара одземање на мандатот на Зоран Заев

„Тврдокорни“ попладне на протест, бара одземање на мандатот на Зоран Заев

Партиотското здружение „Тврдокорни“ утрово повика на протест што ќе се одржи попладне пред вилата на претседателот на Република Македонија. „Тврдокорни“ бара одземање на мандатот на премиерот Зоран Заев.

„Македонските носители и бранители на државниот суверенитет имаат барање за одземање на мандатот на З.З. – СДС поради непридржување кон дадените гаранции и работењето против македонските национални и државни интереси, а за туѓи интереси и рушење на државата. Со одземањето на мандатот ќе биде овозможено да се преземат сите неопходни мерки за заштита на уставниот поредок и државата од сите дејства со кои земјата/државата (Р. Македонија) и македонскиот народ се ставаат под директна мирна окупација, стои во соопштението од „Тврдокорни“.

Мирниот протестен марш ќе започне во 17 часот пред Канцеларијата на делегацијата на Европската Унија на булеварот Св. Кирил и Методиј каде што „Тврдокорни“ ќе се обратат до ЕУ и НАТО со 12 протестни барања и ќе им предадат дел од протестните текстови.

Протестниот марш ќе продолжи по улицата Водњанска сè до вилата „Водно“ каде што на претседателот ќе му го предадат протестното барање.

„Истовремено, поради непринципиелните политики кон Р. Македонија, мешањето во внатрешните политики на суверена, независна земја членка во ОН, на соодветен начин ќе се сензибилизира и интернационализира македонското прашање, со запознавање на светската јавност со вистините за Македонија и на сите држави, особено оние што ја признале Р. Македонија под уставното име, од кои ќе бараме поддршка поради наметнатата окупаторска диктатура во Македонија и геноцидните планови против Македонија и македонскиот народ. Наместо Република Македонија да биде линија на огнот, таа да биде мостот за цивилизирана соработка помеѓу источната  и западната цивилизација“, велат „Тврдокорни“.

Организатори на протестот се Здружението на граѓаните „Преродба“, Семакедонскиот национален совет „Македониум“, МПЗ „Тврдокорни“, Движењето за цивилизациски вредности и единствениот пат – Движење на македонските носители и бранители на државниот суверенитет.