(Видео) Тевдовски: Не празнувавме за да земеме еврообврзница со најниска камата

(Видео) Тевдовски: Не празнувавме за да земеме еврообврзница со најниска камата

По новото задолжување на државата од 500 милиони евра, кои треба да се вратат во рок од 7 години, министерот за финансии, Драган Тевдовски, вели дека граѓаните не треба да се грижат бидејќи со неа се заштедуваат 90,6 милиони евра. Тевдовски на прес-конференција им се заблагодари на тимот, Министерството и на другите инволвирани во процесот на издавање бидејќи, поради овој процес, тие не празнувале.

„Инвеститорите беа заинтересирани за еврообврзницата. За споредба, претходните 5 еврообврзници беа со многу поголеми каматни стапки. Ова е со двојно пониска каматна стапка, а се заштедуваат 90,6 милиони евра. Средствата ќе се користат за плати во образованието, во интензивирање на капиталните инвестиции, за одбраната, а ќе се враќаат и поранешните долгови. Ние срушивме дел од долговите што требаше Македонија да ги врати до 2020 година. Со ова го намаливме долгот и избегнавме ризик за рефинансирање. Македонија првпат во историјата предвреме враќа дел од еврообврзница. Со неа враќаме речиси 200 милиони евра“, вели Тевдовски.

На прашањето зошто додека СДСМ беше во опозиција обвинуваше дека ВМРО-ДПМНЕ се задолжува непотребно за зголемување на пензиите и платите на администрацијата, а Тевдовски тоа го правда со ниската каматна стапка, но нема да се користи за жални врби ниту, пак, за споменици, според него, ова користење на средствата ќе биде продуктивно. На реакцијата дека капиталните инвестиции не се зголемување на пензиите и платите, Тевдовски не одговори конкретно правдајќи се, иако ова е точно, дека повеќето од средствата ќе одат за враќање на долговите.

„Еврообврзницата е буџетирана, изгласана и одобрена од Собранието. На повеќе прес-конференции сум кажал дека Македонија ќе земе еврообврзница која ќе има најниска каматна стапка. Правевме многу анализи, па видовме дека во јануари има најмногу инвеститори, па затоа сега ја зедовме. Апсолутно сме транспарентни. Меѓународните инвеститори препознаа дека во Македонија се случуваат реформи и одиме напред, па остваривме ваква каматна стапка. Не можевме порано да земеме еврообврзница бидејќи тоа оди со гласање во Собранието“, додаде Тевдовски.

Каматната стапка на новата еврообврзница е 2,75 отсто, а според Тевдовски, побарувачката од инвеститорите за македонската обврзница била во износ од над 3,5 милијарди евра, односно над 7 пати повисока од понудата.

Кристијан Ландов