(ВИДЕО) Тевдовски: Старата власт оставила долг од 2,4 милијарди денари во областа на културата

(ВИДЕО) Тевдовски: Старата власт оставила долг од 2,4 милијарди денари во областа на културата

Основнa цел на ребалансот e да ги намали непродуктивните трошоци и да обезбеди простор за реализација на политиките на новата Влада, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски, на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува ребалансот на Буџетот.

Тој рече дека ребалансот не е нов буџет туку прилагодување на тековниот буџет. Поради тоа, за реализацијата на неговата основна цел постојат и неколку ограничувања.

„Прво ограничување се преземените, а неплатени обврски од минатото. На пример, во Министерството за внатрешни работи тие изнесуваат 424 милиони денари, а во финансирањето на дејностите од областа на културата, дури 2,4 милијарди денари. Второ ограничување се веќе склучените договори за тековни или идни проекти, кои ако се раскинат државата ќе треба да плаќа пенали. Затоа, единствена здрава опција за ребалансот беше намалување на непродуктивните трошења кои се во рацете на носителите на власта, како што се службени патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање“, рече Тевдовски.


Тој рече дека кратењето на непродуктивните трошења на власта обезбеди можност за буџетирање на нови мерки кои значат поддршка за граѓаните или домашните фирми.

„Тие мерки се минимална плата, решение за стечајците, поддршка за малите и средните претпријатија и земјоделците, укинување на радиодифузната такса и слично“, рече министерот за финансии.

Тевдовски рече дека економскиот раст во првиот квартал на 2017 година изнесувал 0 отсто поради политичката криза и поради нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции.

Тевдовски рече дека ребалансот на буџетот се темели на проекција на раст на БДП од 2,2% во 2017 година.

Во периодот јануари – јуни 2017 година се реализирани вкупни приходи во износ од 86,4 милијарди денари, што претставува 46% во однос на планираните за 2017 година. Даночните приходи во првите шест месеци се остварија на ниво од 51,3 милијарди денари, односно истите бележат реализација од 47% во однос на планот за цела година.

Вкупните расходи на Буџетот на Република Македонија во периодот јануари-јуни 2017 година се реализираа во износ од 94,6 милијарди денари, при што тековните расходи изнесуваа 85,9 милијарди денари. Капиталните расходи сериозно потфрлија во првата половина на годинава. Тие се реализираа во износ од 8,7 милијарди денари или само 32% во однос на годишно планираниот буџет.

Министерот рече дека со ребалансот се додаваат дополнителни средства во износ од 1,2 милијарди денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување заради непречена исплата на пензиите и транзициските трошоци за вториот пензиски столб, како и дополнителни 200 милиони за навремена исплата на сите загарантирани социјални права на населението. Исто така, за зајакнување и подобрување на здравствените услуги на граѓаните, се алоцирани дополнителни 600 милиони денари во Фондот за здравствено осигурување.