(ВИДЕО) Темелковски: Општина Кисела Вода реализирала 3,5 отсто од проектите, а должи 3 милиони евра

(ВИДЕО) Темелковски: Општина Кисела Вода реализирала 3,5 отсто од проектите, а должи 3 милиони евра

Претседателот на општинската организација на СДСМ, Филип Темелковски, во јавноста обелодени дека долгот на Општина Кисела Вода изнесува 3 милиони денари, а не се реализирани капиталните проекти што ги планирала Општината во првиот квартал од годината. Според него, состојбата во Општината е многу лоша.

„Од планираните средства наменети за капитални инвестиции, Општината реализирала само поразителни 3,5 отсто! Реализирани се нула капитални проекти во образованието, нула проекти за енергетска ефикасност, нула проекти за спорт. Кусо кажано, Општината не сработела ништо“, вели Темелковски.

Тој додава дека во делот на урбанистичко планирање од страна на Општината реализирани се проекти од 0 денари од планираните 30 милиони денари и, според него, тоа покажува дека општинското раководство и градоначалничката немале капацитет да ги приберат финансиските средства и да ги реализираат проектите.

„Катастрофалната реализација на буџетот е резултат на недомаќинското и непланско работење на градоначалничката Билјана Беличанец, а извештајот е еден од најлошите во историјата“.

Сето ова, според Темелковски, е доказ за неспособноста и неефикасноста на локалната власт, која, според него, ќе се промени и со Општината ќе раководи кадар од СДСМ.

Во врска со кружниот тек, кој е планиран да се изгради на булеварот Србија во Кисела Вода, а за кој пред два месеца имаше протест, претставникот на СДСМ вели дека не е потребен и е на штета на жителите.

К. Ландов