Тефтер со должници разоткрил двајца лихвари во Прилеп

Тефтер со должници разоткрил двајца лихвари во Прилеп

Надворешната канцеларија за криминалистички работи при Полициската станица Прилеп поднесе кривична пријава против Ј.Т. (39) и З.А. (43) од Прилеп, поради „лихварство“, предвидено и казниво по член 260 од Кривичниот законик и против прилепчаните Г.С. (46) и Е.А. (37) за помагање.

Ј.Т. и З.А. во периодот од 2012 до денес на лица кои се наоѓале во тешка материјална состојба им давале пари на заем со високи камати. Парите им ги давале по претходно склучени договори кои содржеле и спогодба за обезбедување пренос на сопственост на недвижен имот. Договорите содржеле лажни податоци за да бидат присилени оштетените да плаќаат високи камати. Е.А. посредувал помеѓу оштетените и Ј.Т.  за одреден надомест. При потпишување на договорите кај адвокат, без да знаат за висината на каматата, оштетените доставувале имотен лист и како залог ја ставале својата куќа. Парите им биле исплаќани, а на Е.А. му била исплаќана сумата за извршеното посредство за заемот, информира полицијата.

По извршените проверки кај нотари, било утврдено дека биле извршени заверки на потврдување  спогодба за обезбедување со пренос на сопственост на недвижен имот помеѓу Г.С. и должниците. По неисполнување на условите, биле изготвувани договори за пренос на сопственост на недвижен имот помеѓу Г.С. и должниците.

З.А. се стекнал со сопственост на една куќа и возило „БМВ“, со давање пари на заем со високи камати. На 21 април 2015 година со судска наредба бил извршен претрес во деловни простории на ул. „Борка Талески“ во Прилеп, со истакната реклама за менувачко работење, кои ги користел З.А.. При претресот биле пронајдени и одземени 8.980 евра, различен накит, посебно спакуван во помали кутии со впишан износ на парични средства, имиња и датум на прием на истите. Исто така, бил пронајден и одземен тефтер со прирачна евиденција во која имало податоци за дневно работење, продавање девизни средства од 18.10.2013 до 21.04.2015 година, а за која постојат основи на сомненение дека податоците се во врска со лихварство.