„Травијата“ ги отвора јубилејните 45. „Мајски оперски вечери“

„Травијата“ ги отвора јубилејните 45. „Мајски оперски вечери“

Со премиерата на операта „Травијата“ од Џузепе Верди, во режија на Верена Штојбер од Германија, на 9 мај, во салонот на Македонската опера и балет традиционално ќе бидат отворени годинашните јубилејни 45. „Мајски оперски вечери“.
Диригент е реномираниот гостин од Италија, маестро Џанлука Мартиненги, сценографијата и костимите се на Софија Шнајдер од Германија, додека кореографијата е на Саша Евтимова. Настапуваат: Ана Дурловски – Виолета Валери, Дарко Нешовски – Алфред Жермон, Борис Трајанов, Марјан Јованоски – Жорж Жермон, Николина Јаневска – Флора, Александра Лазаровска-Василевски – Анина, Владимир Саздовски – Барон Дуфол, Драган Ампов – Маркиз Д’Обињи, Никола Стојчески – Гастон, Борко Биџовски – Др. Гренвил, Игор Гиновски – Џузепе, Ернес Ибраимовски – комесарио, како и оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на МОБ.
„За мене, Верди е еден од најголемите раскажувачи на сите времиња. Со ‘Травијата’, тој уште еднаш ги крши табуата. На сцената не донесува кралеви и кралици или херои, што било пракса на оперските композитори на времето. Напротив, на сцената тој донесува ‘нормални’ луѓе. Но, и повеќе од тоа: дозволува главниот карактер во операта да биде една жена со низок морал, љубовница. Јас не го оправдувам лицемерието на патријархалното општество во кое не е проблем мажите да имаат жени и девојки на страна, но е проблем кога некој, а во случајот на ‘Травијата’ тоа е Алфредо, ги прекршува правилата и се вљубува во една од љубовниците, и дури и полошо – решава да живее со неа. Ова не е типичен пример како светот во кој мажите доминираат функционира, и е нешто што не смее да се случи. За да не дојде до тоа, го имаме Жермон, за мене најлицемерниот од сите ликови, човек кој зборува за чест и гордост, иако самиот е решен да ги уништи животите на другите луѓе за да ја спаси сопствената репутација. Затоа е потребно да се бориме против егоизмот и нарцисизмот со многу љубов и страст, на начин на кој тоа го прават Виолета и Алфредо. И иако за нив е веќе доцна на крајот, тие можеби и придонесуваат за нова, поинаква иднина“, вели режисерката Штојбер за премиерната постановка на „Травијата“ на македонската оперска сцена.
Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните, и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди. Македонската публика секогаш со восхит ја дочекува Ана Дурловски, сопранот што продолжува да остварува блескави успеси на светската оперска сцена воодушевувајќи ги публиката и критиката со својата совршена техника, интонативна прецизност и волуминозен и кристално јасен тембр. Уверливо, со „ласерска“ прецизност во интерпретацијата, волшебна колоратура и совршена фразеологија, Дурловски ги толкува оперските улоги на сцените и фестивалите ширум Германија, во Шпанија, САД… „Травијата“ со Ана Дурловски во насловната улога на големата сцена ја поставува реномираната германска режисерка Верена Штојбер,  креирајќи моќна продукција чиишто главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет. Вистински празник за вљубениците во оперската уметност, на отворањето на јубилејните 45. „Мајски оперски вечери“.
Операта „Травијата“ репризно ќе биде одиграна на 11 мај (четврток), со почеток во 20 часот. крај/мф/