Трамп ѝ платил на поранешна порно актерка за да молчи за нивната врска

Трамп ѝ платил на поранешна порно актерка за да молчи за нивната врска

Поранешна актерка во филмови за возрасни добила 130.000 долари за да не открива во јавноста детали од нејзината врска со Доналд Трамп, пишуваат светските медиуми.

Според „Волстрит Џурнал“, адвокатот на Трамп, Мајкл Коен, организирал исплата за Стефани Клифорд која тврдела дека имала „средба“ со ексцентричниот милијардер во јули 2006-та година за време на турнир во голф.

Парите кои Клифорд ги добила за да молчи во врска со настанот, наводно биле исплатени во октомври 2016-та година, кога Трамп ја водеше кампањата за претседателските избори.

Белата куќа потоа ги негираше информациите, наведувајќи дека тие се „стари и рециклирани информации, кои биле објавени и демантирани пред изборите“.

Коен, исто така, не сакаше да коментира за неговата вмешаност во договорот, велејќи дека Трамп веќе ги негирал ваквите наводи.

Меѓутоа, според пишувањето на „Волстрит Џурнал“ советничкиот тим на Клифорд се заканил дека ќе се откаже од договорот, со образложение дека парите не биле платени на начин како што било претходно утврдено.

Таа во 2006-та година на социјалните мрежи објави фотографија со Трамп.

Инаку, Трамп веќе е обвинет од група жени за сексуално вознемирување и злоупотреба, што американскиот претседател исто така го демантираше.