Трајановски не присуствуваше на потпишувањето на документот за младите

Трајановски не присуствуваше на потпишувањето на документот за младите

Кандидатите за градоначалник на град Скопје потпишаа документ со кој се заложуваат дека ќе работат за реализација на проекти кои произлегуваат од приоритетите и потребите на младите.

Актуелниот градоначалник на Скопје, Коце Трајановски, не се појави на настанот иако претходно најави дека ќе присуствува на потпишувањето што се одржа во Музејот на современата уметност.

По потпишувањето, четирите од осумте кандидати што присуствуваа на настанот дадоа изјава за медиумите и потврдија дека ќе се залагаат за интересите на младите.
Кандидатот за градоначалник на град Скопје од СДСМ, Петре Шилегов, изјави дека со жалење констатира оти младите во изминатите години беа оставени сами на себе без помош од никого.

– Младите почнаа да се иселуваат од државата. Тој тренд на иселување константно расте. Оваа тенденција мора да се спречи. Ветувам поддршка за младите, услови за развој на културата и следење на светските трендови. Младите ги чекаат подобри времиња и тука сме за нив да обезбедиме подобра иднина – рече Шилегов.

Кандидатката Нафије Селмани од Беса кажа дека има нови проекти што се од интерес за младите. Таа рече дека младите можат без нас, но општеството не може без нив.
Марија Џонс, кандидатката од Левицата, изјави дека во нејзината партија подолг период се разговара за проблемите на младите и во целост се согласуваат со нивните барања за кои рече дека имаат разговарано со младината.

– Младите имаат потреба од промени, од маалските училишта, па сè до студентските домови. Скопје исто така треба сè повеќе да инвестира во државните училишта за децата што учат во нив да може да се натпреваруваат со приватните – рече Џонс.