(Трет дел) „Скопје 2014“ е нула во споредба со она што му се подготвува на Охрид

(Трет дел) „Скопје 2014“ е нула во споредба со она што му се подготвува на Охрид

Решението од 1978 година, кое целата територија на Охрид ја става под заштита, и неговото долгогодишно непочитување, според експертите, се отсликува во сè она што е изградено на заштитеното подрачје, но уште пострашно е она што се планира за целиот регион. Ски-центар на Галичица, пат што ќе минува низ националниот парк и хотелско-туристички комплекси се само дел од плановите. Тоа се проекти на претходната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која, за да ги реализира, направи и измени во заштитните зони на националниот парк. Наспроти очекувањата на охриѓани и туристите, укинувањето на овие планови не беше дел од првите чекори на новата Влада. Тие сè уште постојат, а експертите се згрозени од помислата дека е можно и да се реализираат.

Невладината еколошко-правна организација „Фронт 21/42“ е меѓу најгласните и најупорни борци против реализација на проектите што го засегаат природното и културното наследство во Охрид.

„’Скопје 2014’ е нула за тоа што му се спрема на Охрид. За Охридскиот Регион се планира  пресушување на Студенчишко Блато заради изградба на комплекс луксузни апартмани, уништување на природниот брег и сечење на еден од последните појаси на трска кај Лагадин заради изградба на бетонска платформа со медитеранска песочна плажа и туристички содржини, промена на законската заштита на изворите кај Свети Наум од највисок на најнизок степен заради изградба на огромен туристички комплекс од село Љубаништа до Свети Наум, уништување 300 хектари заштитено подрачје во Националниот парк ‘Галичица’ заради изградба на магистрален пат, промена на законската заштита на делови од Националниот парк ‘Галичица’ и уништување 530 хектари природни живеалишта заради изграба на ски-центар, голем хотел и викенд-населба. Ова се проекти што сите ние не смееме да дозволиме да бидат реализирани. Бараме да се напуштат веднаш и да се забранат засекогаш “, велат од „Фронт 21/42.

Да се напуштат веднаш и да се забранат засекогаш најавените проекти за Охридскиот Регион, бара невладината „Фронт 21/42“

Поради оправдувањата на претходната влада дека сите предвидени проекти се во интерес на туризмот, „Фронт 21/42“ направи меѓународна петиција за заштита на Охрид со 19.000 потписи. Покрај потписите, туристите оставаа и пораки за Охрид.

Потписник на петицијата од Исланд напиша: „Охридското Езеро е уникатно, оставете го како што е, ние туристите го сакаме без модерни градби“. „Охрид ја уништува сопствената инднина“, порача потписник од Холандија, а потписник од Белгија ја остави пораката; „На Охрид не му треба Лас Вегас тип на туризам, Охрид е поинаков и уникатен и треба да се направи сè за да се заштитат неговата убавина, историското и природното наследство“.

„Фронт 21/42“, покрај овие, доби уште стотици пораки од сите страни на светот заедно со потписи за поддршка на напорите за заштита на Охрид.

Освен на меѓународен план, невладината организацијата презема конкретни чекори за стопирање на проектите и дома.

„Направивме картички на кои сите заинтересирани за заштита на нашето единствено УНЕСКО-подрачје можеа со запишување име и презиме и место од каде што доаѓаат, лично да побараат од пратениците мораториум за штетните развојни проекти на Охридското Езеро и во НП ‘Галичица’ и имплементација на Законот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион. 7.000 потпишани картички во мај годинава му доставивме на новиот претседател на Собранието, Талат Џафери. Од него добивме охрабрување за барањата и ветување дека најбргу што може ќе биде закажана надзорна расправа за Законот за Охрид, но сè уште сме на чекање“, велат од „Фронт 21/42“ кои поднеле жалби за секој проект одделно, а имаат претставка и до Уставен суд.

Од невладината организација гледаат оптимистички на соработката со новите парламентарци. Ги охрабрило формирањето неформална собраниска УНЕСКО-група. За членови се пријавиле пет пратеници од четири партии. Пратениците најавиле дека ќе се заложат сите ставови и барања во врска со Охрид да бидат детаљно прегледани. Сега сите активности, како што велат од невладината, се заглавени поради локалните избори, но веднаш по изборите очекуваат Охрид да стигне во парламентот.

На Охрид не му треба Лас Велас тип на туризам, порача турист од Белгија

На менување и усогласување на законите и системско решавање на проблемите инсистира и Донка Барџиева-Трајковска, историчар на уметност и конзерватор, а од неодамна и советник на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Таа смета дека и непочитувањето на решението од 1978 година е резултат на лошите системски решенија.

„Решението од 1978 година е обврзувачко и тоа требало да се почитува. Од времето кога е донесено до денес законите се менувани многупати, а измените не се усогласувани со другите закони. Локалната самоуправа била задолжена за издавање одобренија за градење сè до воведувањето посебни категории на заштита кога надлежноста за одобренијата преминала кај Министерството за транспорт и врски. Тоа јасно укажува на фактот дека ние имаме и нецелосна децентрализација. Не може локалната самоуправа да нема никаква одговорност за спомениците, тоа е дел на чие менување треба да работиме. Ние сега имаме недоследно изведен систем, не само еден сегмент од системот. Освен тоа, ако зборуваме за Законот за Охрид, тој е само на хартија, нема имплементација, нема формирано тела за да почне да се применува. Ние, пред сè, мора да направиме досиеја за секој споменик одделно, кои ќе бидат дел од листата на културно наследство со национанално значење. Таа листа треба да му биде секому достапана, а не само на одредени институции. Токму затоа во подготовка е национална стратегија за културно наследство, со која ќе биде опфатен и Охрид“, вели Барџиева-Трајковска.

Таа е и претседател на Центарот за заштита на културното наследство, па вели дека како голем поборник за заштита на културното наследство, а сега и како светник на министерот, ќе настојува сопствениците на објектите што се прогласени за културно наследство заштитата да почнат да ја гледаат како предност, а не кочница како досега. Лошиот и рестриктивен однос на државата досега кон имателите на објектите прогласени за културно наследство многупати бил причина прекуноќ да се појавуваат пожари или друг вид оштетувања, кои всушност се користеле како оправдание за сомнителни градежни активности.

Барџиева-Трајковска е категорично против најавените проекти за Охрид од претходната влада за кои вели дека крајно негативно би се одразиле врз културното наследство.

Цела листа барања, меѓу кои главно е мораториум за градење, направи и граѓанската организација „Охрид СОС“. Барањата ги достави до сите надлежни институции и до кандидатите за градоначалници на Охрид.

(Прв дел) Охрид со години нелегално издавал одобренија за градење

(Втор дел) Ако е неопходно, ќе има и уривање во Охрид, Државниот градежен инспекторат се вклучува во случајот со решението од 1978 година

Маја Илиевска-Пачемска

Фото: Даниела Трпчевска