Тројца ученици повредени во тепачка во Гостивар

Тројца ученици повредени во тепачка во Гостивар

Тројца ученици се повредени во тепачка меѓу две групи во дворот на Средното економско училиште во Гостивар, во која биле користени и ножеви. Инцидентот се случил вчера околу 13.10 часот на улицата Живко Брајковски.

Се степале две групи ученици од гимназијата, економското, индустриското и медицинското училиште, како и други засега непознати лица, кои не се ученици. При тепачката биле користени тврди и остри предмети со кои им биле нанесени повреди на 17-годишен ученик, кој добил убодна рана во пределот на левата страна на градниот кош, и 16-годишник, кој добил убодна рана во горниот дел на грбот, од селото Врапчиште, Гостиварско, и тие се пренесени на Ургентниот центар – Скопје. Подоцна е добиено известување дека е повреден 18-годишниот С.А. од селото Врапчиште, кој добил расеченица на левото рамо. По укажаната лекарска помош во Медицинскиот центар – Гостивар, тој е пуштен на домашно лекување. Како сторител е посочено лице од селото Чегране, кој е во бегство и се трага по него. За настанот е известен јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.