Уапсен првиот милитант од Боко харам за киднапирањето на девојчињата од Нигерија

Уапсен првиот милитант од Боко харам за киднапирањето на девојчињата од Нигерија

Нигериски суд затвори милитант од Боко харам, вклучен во киднапирањето на девојчињата во Чибок во 2014 година. Харуна Јахаја (35) е првиот член на групата што ќе биде осуден за учество во масовното киднапирање.

Поранешниот трговец, кој признал дека имал одредена улога во земањето 276 ученички, тврди дека бил наведен да дејствува под присила. Судиите што заседаваат во воениот суд во Канџи, кои ги сослушуваат случаите на повеќе од 1.000 осомничени милитанти на Боко харам, го отфрлија неговиот изговор.

Тие исто така беа непоколебливи од неговите барања за попустливост врз основа на неговата попреченост, што го остави со парализирана рака и деформирана нога, пренесува Би-би-си.

Портпаролот на Министерството за правда, Салиху Иса, потврди за новинската агенција АФП дека Јахаја доби 15-годишна затворска казна.

Јахаја, кој дошол од Потискум, во државата Јобе, северноисточна Нигерија, бил заробен од група цивили во 2015 година – една година откако девојчињата биле грабнати од средно училиште во државата Борно. Од 276 девојки земени во април 2014 година, 112 сè уште се во заробеништво.

Оваа недела околу 700 од осомничените милитанти треба да се појават пред судот. Дваесет беа прогласени за виновни за злосторства поврзани со Боко харам, а двајца беа ослободени поради недостиг на докази.