Утре ќе биде вклучено парното, грејната сезона ќе почне порано поради ниските температури

Утре ќе биде вклучено парното, грејната сезона ќе почне порано поради ниските температури

Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) даде одобрение за старт на грејната сезона пред вообичаениот почеток на 15 октомври поради падот на температурите.

АД „Електрани на Македонија“ утре ќе почне со производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за потрошувачите приклучени на мрежата на ЕЛЕМ„ Енергетика“. Парно греење ќе добијат 3.546 домаќинства, 17 воспитно-образовни институции (основни и средни училишта и детски градинки) и 75 деловни субјекти во скопските населби Железара, Автокоманда, Триангла, Маџари и Хиподром.

Од утре почнува новата грејна сезона и за потрошувачите кои се приклучени на системот на Снабдување со топлинска енергија Балкан енерџи во Скопје.

Испораката почнува осум дена пред официјалниот старт на грејната сезона поради најавениот пад на надворешните температури. Согласно со павилникот за снабдување со топлинска енергија, испораката може да почне и пред 15 октомври доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени.

Во изминатиот период стручни екипи вршеа подготовки, односно ладни проби на системот со цел да се отстранат евентуалните недостатоци и да се обезбеди сигурно и квалитетно снабдување со топлинска енергија на постојните корисници.

Со почетокот на грејната сезона потрошувачите ќе може да ги добијат сите потребни информации во канцеларијата за односи со јавност, лоцирана во управната зграда на ЕЛЕМ „Енергетика“, а за дефекти или рекламации може да ги користат телефонските броеви 3104 816 и 3104 872.