(Видео) Фантоми во дивоградбите, живеат во Кисела Вода гласаат во други општини

(Видео) Фантоми во дивоградбите, живеат во Кисела Вода гласаат во други општини

Општина Кисела Вода остана без најмалку 200 гласа од граѓани кои живеат во станови-дивоградби. За Општината се фантоми, не постојат. Гласаат во други општини иако живеат во Кисела Вода оти немаат можност да си извадат лични карти на адресите на кои реално живеат.

Урбанистите велат дека ваквите проблеми на граѓаните се сосема очекувана ситуација по масовното дивоградење во Кисела Вода последниве две децении. И не случајно, најмногу гласови Општината губи во згради што ги изградиле фирмите кои Државниот градежен инспекторат пред петнаесетина години ги стави на црна листа и преку кампањата „Отворете очи“ им порача на граѓаните да не купуваат станови во згради за кои нема имотни листови.

На списокот тогаш се најдоа „Самарија“, „ФИ-КОМ“, „ГИА инженеринг“, „Конартис“ и многу други. Но, и покрај кампањата и јавно укажаните проблеми, стотици граѓани беа измамени откако сомнителните фирми еден стан истовремено го продаваа на повеќе лица. Голем дел од таквите згради сè уште зјаат невселени и за нив се во тек судски постапки, но не е мал бројот и на оние кои се вселени и покрај тоа што се дивоградби.

Една од вселените дивоградби во Кисела Вода, исполнета од првиот до последниот кат, е зградата број 10 б на улицата Емил Зола. Објектот има приземје, три ката и потпокрив. Изградена е на местото на семејна куќа од 1936 година, која фирмата „ГИА инженеринг“ ја урнала, а сопствениците заминале под кирија со договор да останат таму сè до завршување на градбата. Дел од нив сега жиеват во зградата дивоградба. Сашо Стефановски е станар во потпокривот.

„На овие локални избори ќе гласам во Карпош, а десет години живеам во Кисела Вода и десет години не можам да влијаам на животот во општината, поради општината. Поради тоа што во 2005 година тогашниот градоначалник, дали поради манипулација, дали поради нешто друго, ни овозможи да живееме во дивоградба. Тоа е зграда со 17 стана.  И покрај сите напори за легализација со Законот за легализација и сите случувања, ние сè уште не можеме да си извадиме лична карта и да си гласаме во општината во којашто живееме“,  вели Стефановски.

Тој и неговото семејство велат дека внимавале која фирма ќе ја одберат за коинвеститор токму поради бројните злоупотреби. Ја одбрале „ГИА инженеринг“ во конкуренција со уште две, како најдобра. Ги провериле сите претходно изградени објекти на фирмата и истражувањето покажало дека можат да ѝ веруваат, но вербата траела помалку од две години. Во 2007 година сопственикот на „ГИА инженеринг“ беше уапсен поради измама со продажба на станови, главно на други локации, а нивната зграда останала недоградена. За да не живеат под кирија, се организирале сами да го довршат она што треба, за да се вселат во зградата. Велат дека имале среќа што земјиштето останало во нивна сопственост, а на инвеститорот на секои шест месеци му давале овластување за работа. Кога тој заминал во затвор, работата ја продолжиле на свој трошок. Успеале да воведат струја, вода и почнале да се вселуваат, но не им тргнало од рака да ја легализираат зградата. Таа во Општина Кисела Вода се води како дивоградба поради неплатени комуналии, за кои инвеститорот веќе им наплатил на станарите.

Станарите десет години гласаат во други општини иако живеат во Кисела Вода оти немаат можност да си извадат лични карти на адресите на кои реално живеат

„Зградата е дивоградба, а направена беше 95 проценти кога беше уапсен коинвеститорот Ѓорги Шоптрајанов од фирмата ГИА и од тогаш ние се снаоѓаме како знаеме со приклучоци за да имаме нешто. Полулегално се приклучивме, денеска ги плаќаме најрегуларно сите комуналии. струја, вода, телекомуникации… Со Законот за легализација десет години не успеваме да ја легализираме од разно-разни причини. Имаше спорни станови, имаше судски процеси за два стана. Во зградата има 17 стана, два беа спорни, за нив се водеше судска постапка. Тие два стана ја стопираат легализацијата на целата зграда. Образложението беше дека е така во законот, в ред, така е, сега тие спорови се завршени, но становите сè уште не ни се легални, а тоа требаше по автоматизам самата Општина да го покрене. Е сега, ние сакаме преку адвокати да си ја средиме работата што ни тежи. Без имотен лист ние немаме ништо. Немаш право на глас, не го поседуваш станот, не можеш ништо да правиш со него, не можеш да го дадеш под закуп, под хипотека, не можеш да го продадеш, ништо не можеш да направиш“, вели Стефановски.

Тој и неговите соседи секојдневно стравуваат дека на врата ќе им се појави полиција да ги казни оти личните карти не им се усогласени со местото на живеење. По десет години, годинава првпат полицијата им дошла во контрола.

„Полицијата може да нè  казни што немаме лична карта на местото на живеење. Годинава полицијата нè посети  за првпат. Десет години нè посетуваат политички партии, тие знаат дека во оваа зграда има луѓе кои живеат во неа, ама ние сме ни на небо ни на земја. Можеби полицијата нè посети за да нè казни зашто сме на погрешно место со погрешна лична карта“, се посомнева Стефановски.

Од Министерството за внатрешни работи велат дека согласно со член 3 од Законот за пријавување на живеалиште и престојувалиште на граѓаните, при промена на живеалиштето секој граѓанин е должен да го одјави претходното и да го пријави новото живеалиште во рок од осум дена од денот на иселувањето, во спротивно следуваат соодветни санкции согласно со законот.

За контролата што ја направиле во зградата од МВР велат дека полицијата врши контрола на пријавување и одјавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните, односно на промената на адресата на станот во постапки по поднесени барања од граѓаните. Доколку се утврди дека лицето не живее на пријавената адреса, се носи решение за поништување на пријавата и бришење на лицето од евиденцијата за живеалиштето. Дали им напишале казни на станарите, од МВР не кажаа.

Иако заградата е невидлива за Општина Кисела Вода, Град Скопје наплаќа данок, но само за еден стан.

„Данок на имот не плаќаме оти немаме имотни листови, но плаќа една од сопственичките на плацот, која сè уште во Кататстар се води како сопственичка на земјиштето на коешто е изградена зградата, тоа е мајка ми. Таа е и единствена од цела зграда од 17 стана којашто плаќа радиодифузна такса. Иако личната карта не ѝ се води на ‘Емил Зола 10 б’, на којашто сега се води зградата, туку на „Емил Зола 22′, број кој не постои дваесет години, таа си плаќа радиодифузна такса на таа адреса и данок на имот на истата адреса. Долга беше преписката со Град Скопје. Дојде до компромис поради тоа што данокот беше преголем за површината, 800 денари. Благодарение на елеборатот којшто мајка ми таму го поднела за станот којшто сега го поседува, плаќа 600 денари годишно, значи жената е ќар 200 денари. Од другите 16 стана никој не плаќа“, вели Стефановски.

Од Градот потврдија дека иако има цела зграда, данок плаќа само еден стан и така ќе остане сè додека не се легализира објектот. Понатаму ќе решаваат за секој стан поединечно.

Општина Кисела Вода не одговори на прашањата од „Макфакс“ за заглавената легализација на зградата. Станарите велат дека ист таков третман од Општината, молчење, добивале цела деценија.  Се надеваат дека по изборите ќе успеат да стигнат до некој во Општината којшто ќе постапи по нивниот предмет.

Градоначалничката на заминување, Билјана Беличанец, извести дека од вкупно  13.855 поднесени барања за легализација, легализирани се 5.561 објект кој се водел како дивоградба, а за 2646 објекти се поднесени барања, но недостигаат геодетски елаборати.

Освен зградата на Стефановски, со 17 стана, само на улицата Емил Зола има уште неколку згради дивоградби по разни основи. Во зградата број шест, два влеза со по 22-24 стана се дел од уште една дивоградба, но станарите не сакаат јавно да зборуваат. Само на оваа улица  Општината на секои избори губи најмалку 200 гласа од дивоградбите.

М.И.П.