„Фени“ и денес на штрајк, дел од вработените предупредуваат на манипулации

„Фени“ и денес на штрајк, дел од вработените предупредуваат на манипулации

Во пресрет на нов штрајк со блокада на патот Градско – Прилеп, закажан за денес во 11 часот, дел од вработените во „Фени“ предупредуваат дека штрајкувачите се манипулирани. Штрајкот е притисок за исплаќање на двете неисплатени плати за октомври и за ноември, но вработените се сомневаат дека зад блокадите на патот има и друг интерес.

„Минатата недела во средата кога сакавме да одиме пред судот во Велес за да се чуе нашиот глас, раководството во фабриката нè спречи. Ги баравме автобусите, но не ни дозволија да ги користиме, а сега за миг автобусите се појавуваат пред фабриката. Ни забранија да излегуваме, а сега нè повикуваат да излеземе. На протестите синдикалното раководство не престанува да нè убедува дека бугарски ‘Енекод’ бил најдоброто решение, а од друга страна, кажуваат дека не им е битно кој инвеститор ќе ја купи фабриката. Зошто тогаш сè уште зборуваме за бугарската компанија? Луѓето сега се пречувствителни оти без пари не се живее, кој не би штрајкувал за плата, но добивме извествање дека платата ќе ја добиеме во текот на оваа недела и пак се оди на штрајк“, велат дел од вработените.

Веќе направиле обид за менување на синдикалното раководство. Го известиле Синдикатот на вработените во индустријата, енергетиката и рударството дека сакаат да изберат нови синдикални претставници, а од таму им порачале дека треба да почекаат разврска по отворањето на стечајната постапка.

Претседателот на Синдикатот на „Фени“, пак, Ѓоре Палитов, вели дека зад него стојат сите вработени со исклучок на два-тројца. Тој тврди дека ги застапува интересите на вработените со единствена цел исплата на платите и доаѓање на најавениот инвеститор. Палитов вчера најави дека денешниот протест ќе биде помасовен и дека ќе штрајкуваат со блокирање на патот Градско – Прилеп сè до исполнување на барањата.

Вчера банките соопштија дека доставиле предлог-услови за склучување меморандум за разбирање со неколку потенцијални инвеститори кои покажаа интерес за „Фени“. Тие имаат рок до утре да го потпишат, а со тоа да ги преземат обврските за исплаќање плата на вработените и на сите неопходни трошоци за функционирање на комбинатот.

На трпеливост вработените ги повика и стечајниот управник Миодраг Анастасиевски.

„Сакам да ја информирам јавноста дека денес е поднесено барање за давање согласност од доверителите подносители на пријавата за стечај за авансирање на потребните средства во стечајната постапка во насока на продолжување на започнатите работи во претстечајната постапка и целосно работно ангажирање на вработените. Апелирам до вработените да бидат трпеливи, достоинствени и на своите работни места, да не подлегнуваат на шпекулации и манипулации, нивните права ќе заштитени во согласност со законот. Очекуваме банките подносители на пријавата позитивно да одговорат на барањето во најкус можен рок“, соопшти вчера стечајниот управник Анастасиевски.

Ваквото известување денес е ставено и на огласната табла во фабриката.

(М.И.П.)